Како Мирослава Дума ќе го освојува светот?

3 ноември 2016

Една од најамбициозните млади дами во модната индустрија и бизнис жена, основач на порталот Büro 24/7, Мирослава Дума, во мега интервју за магазинот Business of Fashion, открива кои се плановите за проширување на нејзиното дигитално царство.

Во сегмент од интервјуто кое во целост можете да го прочитате на овој линк, таа вели:

-Мојата екипа не се IT девојки, трендсетерки и модни ѕвезди, туку директори на модни и технолошки компании и „бубалици".

Основачката на глобалната платформа Büro 24/7 помина долг пат од ѕвезда во уличната мода, која често можеше да се види во друштво на руските модни икони како Улијана Сергенко и Вика Газинскаја, до сериозна бизнис жена која со огромно влијание се наметна во дигиталниот моден бизнис (нејзиниот онлајн магазин има веќе 12 франшизи ширум светот, а во најава е и 13-та за Америка).

Со желба да му покаже на светот дека Русија може да понуди космополитски бренд, Дума ја замени својата титула трендсетерка, со титулата бизнис жена која поминува денови на состаноци со челните луѓе на најголемите светски компании, настојувајќи да собере што поголемо искуство што понатаму ќе може да го имплементира во развојот на нејзината платформа.

Како резултат на тоа, Дума ја најави и првата технолошка конференција која ќе се одржи во соработка со порталот Büro 24/7 и руската компанија „Сколково". Сите млади генијалци ќе добијат можност да го презентираат својот проект пред најмоќните луѓе во светот и со тоа ќе добијат и можност да го освојат потребниот капитал за развој на нивните бизнис идеи. Оваа иницијатива наскоро ќе се прошири во сите земји каде порталот има свои франшизи.

 

Објавено:
3 ноември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.507 пати