Како од бајка – прекрасен амбиент и голем интерес за првиот кастинг за Elena Luka Princess!

29 јуни 2019

Денеска ателјето на Елена Лука беше олицетворение на најубавите сказни.

Како во бајковита сликовница, малите принцези што присуствуваа на првиот голем отворен кастинг за Elena Luka Princess, го исполнија ателјето со прекрасна детска енергија и многу насмевки, затоа што имаа можност сите да се почувствуваат како нивните омилени принцези од приказните.

Елена Лука на своите мали принцези, денеска им посака добредојде во нејзиниот розов свет каде тие имаа можност во еден убав, бајковит амбиент да се фотографираат и заедно со нивните родители, одблиску да се запознаат со концептот на Elena Luka Princess.

За идејата и приказната на Elena Luka Princess, разговаравме со сопственичката и генерален менаџер на Елена Лука, г-ѓа Елена Пандева.

„Elena Luka Princess е концепт кој оддамна го имам како идеја. Во принцип во Елена Лука секогаш сме создавале ексклузивни парчиња и за најмалите принцези, но овојпат специјализираните дизајни ги конципираме во една посебна линија – Elena Luka Princess, затоа што нашите принцези тоа го заслужуваат. Оваа ексклузивна линија е еден посебен свет на бајките во кои ќе се пронајде секое девојче. Секое парче е уникатно и ексклузивно, изработено од висококвалитетни материјали, во раскошен избор од бои и кроеви и со исклучително внимание посветено на сите детали и на рачната изработка, која е препознатлив белег на мојот бренд. Секое девојче заслужува да биде облечено во фантазија, а Елена Лука ѝ го овозможува тоа, со третман како што ѝ прилега на секоја принцеза. Токму по повод уникатната линија Elena Luka Princess, денеска во ателјето на Елена Лука организиравме отворен кастинг на кој ги поканивме сите мали принцези кои се пронаоѓаат во нашата бајка и на мое огромно задоволство имаше голем број пријавени. За прв пат се организира ваков отворен кастинг со девојчиња до 12 години и после ваквиот огромен интерес за што сите посведочивме, имам уште поширока слика и визија за овој концепт да се развива во една навистина убава приказна. Наскоро следуваат уште многу изненадувања, затоа бидете во тек", изјави г-ѓа Пандева.

г-ѓа Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на Елена Лука

Имавме можност да поразговараме и со дел од родителите на нашите мали принцези, а во продолжение ви пренесуваме и дел од нивните импресии.

Ми се допаѓа идејата бидејќи е оригинална. Добро е да се дружат, да се собереме. Атмосферата е пријатна, со убави луѓе, со убав настан. Мислам дека е убаво почесто да има вакви иницијативи, без разлика дали некој ќе влезе во потесниот избор или не. Самото доаѓање е тука е убаво, да има дечиња, да е сè пријатно, позитивно – изјави Јулијана Кузмановска, мајката на малата Теона која се сликаше.

Освен позитивната атмосфера, вниманието ѝ го привлекле и уникатните креации на брендот, создадени специјално за најмалите:

-Да ви кажам искрено, штом влегов, првин ги погледнав сите фустанчиња, прекрасни се, не можам да им се изнагледам. Кој од кој е поубаво, би сакала Теона барем едно да облече, бидејќи сакам да ја дотерувам во фустанчиња особено за свечени пригоди, па би ми било многу драго ако се најде во избраните и имаме можност да ја дотераме како принцеза. Теона е темпераметна, но штом види камера, лесно „влегува во филм" и сака да се слика, така што воопшто не се двоумев да ја донесам тука. Ви посакувам многу успеси – ни изјави Јулијана.

-Идејата за ваков кастинг е одлична, браво за госпоѓата Елена Пандева. Досега не сме имале можност да се запознаеме со брендот одблиску и ова е одлична можност. Навистина е многу убаво, убаво е девојчињата да се дружат, секое девојче сака да биде принцеза – вели Наташа Мојсовски.
Токму тоа сака да биде и нејзината ќеркичка, Стефани.

-Јас сакам да сум принцеза. Омилена ми е Ladybug, а од фустанчињата многу ми се допаѓа тоа со пеперутките – ни откри Стефани.

-Првин ја видовме информацијата за кастингот, се пријавивме и еве нè денес тука. Навистина е убаво, многу сум позитивно изненадена, идејата е прекрасна, малите принцези да се забавуваат. Тоа го сакаат сите деца, ги сакаат моделите што се навистина нешто невидено. Мојата ќерка ги сака камерите, фустаните ги сака најмногу и верувам ќе се снајде одлично! – ни кажа Андријана Костовска – Мечевска.

И ние имавме можност да посведочиме на огромниот интерес и големиот број пријавени девојчиња, кои се забавуваа и позираа пред нашите камери и фотообјективи и безгрижно уживаа во бајковитот амбиент во Елена Лука.

А линијата Elena Luka Princess ги пресликува сништата на малите принцези и токму затоа секое парче е исклучително шармантно, уникатно, ексклузивно и бајковито.

Elena Luka Princess е разгледница во која секоја мала принцеза е облечена во својата фантазија.
Секоја креација има своја приказна, уникатна и неповторлива, украсена со префинетост, изработена од внимателно одбрани материјали и обоена во фантастичен колорит.

Во својот свет на фантазија, Елена Лука креира висококвалитетна и луксузна облека во која малите девојчиња вистински ќе се чувствуваат како принцези. Препознатливиот перфекционизам што е карактеристика на брендот, е редефиниран и во специфичната изработка на уникатните дизајни и за најмалите, кај кој акцентот е на ексклузивната рачна изработка и исклучителнот избор на премиум материјали. Во ателјето на Елена Лука секое девојче ќе добие ексклузивен третман, што вклучува посебен термин за консултации и „custom made" уникат базиран на специфична разработка на идејата до нејзината совршена реализација.

Нашата бајка е реална. Танцувајте безгрижно и добредојдовте во розевиот свет на Elena Luka Princess.

Наскоро очекувајте и видеа од првиот голем кастинг за Elena Luka Princess.

 

 

 

Објавено:
29 јуни 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.821 пати