Како се создаваше белата цветна креација за Џил Бајден...

25 јануари 2021

Новата прва дама на САД, Џил Бајден сега е во центарот на вниманието на јавноста. Изминатиов период многу се зборуваше за нејзиниот изглед на инаугурацијата, некои смета дека одлично изгледа, други пак тагуваа по Меланија Трамп и нејзините модни комбинации.

Меѓутоа, меѓу сите тие коментари, повеќе се согласија дека белиот фустан со цветни апликации и капутот во ист стил, кои ги носеше на вечерниот дел од инаугурацијата, одлично ѝ прилегаат.

Зад креациите се потпишува американската дизајнерка Габриела Хрст, која неодамна откри и како изгледал процесот на создавање на истите.

„Пораката за обединетост е главната инспирација за креацијата. Обединетоста создава сила и потребна е за патот што допрва треба да се оди. Цветовите односно цветните пупки ги претставуваат цвеќињата од секоја од државите од територијата на Обединетите американски држави.

Цветовите се везени на капутот од кашмир во долниот дел. На фустанот пак, везот е позициониран на горниот дел на ракавите изработени од свилена органза. Останатиот дел од креацијата, односно конструкцијата на фустанот е создадена од ткаенина која е микс на свила и волна“, вели дизајнерката.

Таа додава дека парчињата комплетно се изработени во Њујорк. 

„За секој цвет беа потребни околу два до четири часа за везење. Изборот на бои и каде ќе бидат поставени цветовите беше внимателно одбиран недели претходно. Внатрешноста на капутот содржи цитат од Бенџамин Френклин, со кој сака да се даде посвета на професионалниот повик на првата дама како едукатор.

„Кажи ми и ќе заборавам. Научи ме и ќе запомнам. Вклучиме и ќе научам“, открива Габриела.

 

На крајот, таа додава дека креациите биле изработени од постоечки материјали, кои биле веднаш достапни, со цел да се минимизира штетното влијание врз животната средина, а исто така ја изрази и својата благодарност до тимот кој учествувал во создавањето на овие креации кои да бидеме искрени ќе придонесат и за нејзиното издигнување како дизајнерка.

Во тој контекст оди информацијата дека Џил Бајден повторно одбра нејзина креација за едно од своите последни појавувања.

Се работи за долг бел фустан,  сечен на половината и ракави до лактите, кој таа ги искомбинира со кафени високи чизми и така потврди дека минимализмот е доминантен во нејзиниот моден израз.

 

 фото: @gabrielahearst;

Објавено:
25 јануари 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
5.720 пати