Како се сруши онлајн царството Насти Гал

14 ноември 2016

Онлајн продавницата Насти Гал која пред 10 години ја основаше Софија Аморусо, поднесе барање за банкрот.

„Нашата одлука да иницираме реструктурирање под надзор на судот ќе ни помогне да ги адресираме нашите проблеми со ликвидноста и да ги поправиме структурните проблеми што вклучува и намалување на трошоците и исплата на долговите", вели во својата официјална изјава за медиумите, Шери Ватерсон, извршен директор на Насти Гал.

Во своето соопштение таа додава дека очекува од ова искуство, брендот да излезе како уште помоќен и подготвен на своите корисници да им понуди подобри услуги.

Во февруари годинава, како што пренесува Bloomberg, компанијата отпуштила 10% од своите вработени, по што следувале месеци со тужби од поранешните вработени. Тоа предизвикало и низа јавни осудувања кон брендот што дополнително им ги нарушило и онака лошите продажни резултати.
Уште не е дефинирано како точно банкротот ќе се одрази на нивното работење и дали тоа значи загрозување на онлајн шопинг искуството на нивните корисници, но одлуката за банкрот дефинитивно била донесена минатата среда, по што Софија Аморусо ја напушти и функцијата на извршен претседател.

Но, и покрај овој голем пораз на брендот, Аморусо имаше одлична година на личен професионален план. Пред еден месец ја издаде втората книга „Nasty Galaxy", Netflix снима серија базирана на нејзиниот живот, а Форбс ова лето ја прогласи за најбогата „self made" жена.

Таа своето Насти Гал царство, како што го опишува во првата книга, бестселерот „Girlboss", го создала во својата гаража продавајќи винтиџ облека онлајн.

Многу брзо основала своја компанија, па изнајмила голем простор што користел како складиште за облеката и по помалку од четири години почнала да заработува речиси 130 милиони долари годишно.

Дека Насти Гал е завршено поглавје во нејзиниот живот, најави уште во 2015 година кога ја напушти позицијата на извршен директор.

Извор:buro247.hr

 

Објавено:
14 ноември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
832 пати