Каква модна приказна се крие зад изгледот на првата дама на Македонија при посетата во Ватикан?

27 мај 2021

 

По повод чествувањето на денот на Свети Кирил и Методиј во Рим, претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска беа и во официјална посета на Ватикан.

Со оглед на тоа дека и модата е јазик преку кој се комуницира и кој пренесува порака, вниманието ни го привлече стајлингот на првата дама на Македонија. 

Со внимателен пристап за почитување на строгите протоколи за дрескод на аудиенцијата кај папата Франциск, сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска носеше црн формален костим со долги ракави и вел со кој се покрива главата со спефицични модни детали. Каква приказна се крие зад тоа, ексклузивно ни откри дизајнерката Лидија Георгиева, која се потпишува зад креацијата:

„Костимот е збогатен со стилизиран вез инспириран од орнаментиката на старословенските ракописи, поточно елемент од Псалтир со последование, коj датира од 16 век. Со стремеж за продолжување на традицијата во спој со современ дизајн, врвната естетика и духовен мир кои ги зрачи одбраниот елемент, заедно со комплицираноста на дизајнот на мотивот, значат креативен предизвик, но и огромна почит кон културното наследство. Како поддршка на локалното производство, повторно се работеше со домашни изведувачи, а за изработка на овој вез е користена компјутерска технологија“, објаснува дизајнерката.

Велот пак, содржи посебна симболика. На него е испишана реченицата „Зарем сонцето не нè грее сите“, испишана на глаголица.

„Ова е референца на настанот во базиликата Санта Марија Маџоре, каде што во IX век папата Адријан Втори ги благословил азбуката и книгите напишани од светите браќа Кирил и Методиј. ... „Човеку, кажи ни како си им ги создал на Словените книгите и ги учиш од нив, што досега никој не измислил, ниту апостолите, ниту римскиот папа“? А ние знаеме само три јазика на кои е достојно во книгите да се слави Бог – еврејски, елински и латински“.

Кирил на тоа им одговорил: „ Не врне ли дожд од Бога подеднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишеме воздух сите подеднакво? …“, раскажува Георгиева.

Елеганцијата остана препознатливост на првата дама и овој пат, надополнета со специфични детали соодветни на пригодата, образувајќи складна целина. 

Објавено:
27 мај 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
15.930 пати