Календарот Пирели без познати модели

23 септември 2015

Но, со познати ѕвезди... Тимот на Пирели одлучи новиот календар за 2016 година да биде поинаков. За таа цел, ја повикаа легендарната фотографка Ени Лебовиц, да направи фотографии што ќе се паметат.

Кога е кастингот во прашање, Адриана Лима и познатите модни имиња нема да го красат ова издание. Ана ќе соработува со 12 специфични жени, меѓу Јоко Оно, Пети Смит, Серена Вилијамс, Фран Лебовиц, Ејми Шумер, Наталија Водјанова...

Ени Лебовиц и Серена Вилијамс

Според нив, ова се жените што го менуваат светот денес. Моќни жени, кои тој епитет го добиле благодарение на личните успеси, способност и харизма, се изборот на Пирели за 2016-та, од каде произлегува и пораката дека умот и харизмата се секогаш секси.

Јоко Оно

-Почнав да размислувам за улогите што жените ги играат, жените кои постигнале нешто. Сакав да направам класичен сет на портрети. Сметам дека жената треба да изгледа силна, но природна, па одлучив сè да биде едноставно и во студио. Календарот е комплетно поинаков. Сосема отстапува. Идејата не е да претеруваме и „мамиме“, туку да бидеме искрени, отворени, насочени  – откри Лебовиц.

За сега се објавени само најавно видео и неколку работни фотографии, доволни за да се заинтригира јавноста. Оние што очекуваа голи фотографии веројатно се најмногу изненадени, можеби и разочарани. Но, со оглед на имињата што учествуваат во изработката на новиот календар, резултатите се очекува да бидат и повеќе од успешни.

Пети Смит

-Видов неколку фотографии и неверојатни се. Немам идеја што обичниот гледач ќе помисли, но сметам дека треба да го поздрават и почитуваат овој смел чекор. Ќе видиме – вели Пети Смит.

Секоја од познатите жени верува во Ени и нејзината моќ како фотограф. Крајниот резултат и комплетниот календар ќе биде претставен кон почетокот на декември во Лондон.

Објавено:
23 септември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
628 пати