Канје Вест најави дека ќе се кандидира за претседател на САД, почнаа шегите на сметка на Ким

6 јули 2020

Познатиот рапер и дизајнер, Канје Вест на својот Твитер профил вчера објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во ноември.

„Сега мораме да го исполниме ветувањето дадено на Америка, со верување во Бога, со обединување на нашата визија и со градење на нашата иднина. Се кандидирам за претседател на САД“, гласи статусот на раперот, до кој стои американското знаме и ознаката #2020VISION.

Сè уште не е јасно дали раперот е сериозен или се работи за најава на неговиот нов албум. Исто така, не е јасно дали Вест, кој инаку е симпатизер на Трамп, го пополнил формуларот за влез во претседателската трка. Според законот во бројни сојузни држави, рокот за додавање независни претседателски кандидати сè уште не е истечен.

Канје до сега неколку пати има најавено дека би сакал да се кандидира за претседател на САД и тоа во 2024 година, но можеби го поместил тајмингот.

Интересно е што Твитер-заедницата не се „возбуди“ толку околу кандидатурата на раперот, колку што почнаа шегите на сметка на Ким, која доколку би се остварило тоа лудо сценарио, би била новата прва дама на САД, а која секако го поддржа својот сопруг.

За потсетување, Ким веќе имаше едиторијал за „Вог“ како прва дама на САД, поточно се работеше за Ким-верзија на Жаклин Кенеди, што многумина го сметаа за несоодветно. Исто така, Ким беше кај претседателот Трамп, со цел да се избори за затвореничка, Афроамериканка, за која смета дека е неправедно осудена.

Инаку, освен сопругата, меѓу подржувачите на Вест за претседател е и Елон Маск, кој на неговата објава на „Твитер“ напиша „Ја имаш мојата поддршка“.

Што од ова ќе излезе вистина, ќе видиме наскоро.

 

Објавено:
6 јули 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
802 пати