Катарина Ивановска со јавен повик за филантропско здружување

17 април 2014

Светски познатиот македонски топ – модел Катарина Ивановска денеска и официјално го означи почетокот со работа на нејзината новоформирана хуманитарна фондација „Катарина Ивановска“.

Како што и самата кажа, оваа желба ја имала подолго време, но сега бил вистинскиот момент истата конечно да се оствари.

„Оваа идеја ја имав подолго време и сега конечно можам да кажам дека ја реализирав. Мојата хуманитарна фондација ќе им помага на сите болни деца кои што живеат во социјално загрозени семејства. Имам 25 години, успешна сум во мојата работа и сега решив да се посветам и на еден ваков филантропски проект и се надевам дека сите ќе ја препознаат мојата идеја и ќе се вклучат во овој хуманитарен проект“, вели Катарина.

Целиот фокус на оваа фондација младата и успешна манекенка ќе го насочи кон поддршка на процесот на лекување на дечиња од социјално загрозени семејства и директно и индиректно ќе им помогне во решавањето на нивните проблеми.

Новоформираната фондација „Катарина Ивановска“ ќе дава морален и материјален придонес на оваа ранлива категорија граѓани во нашата земја.

На денешната прес конференција Ивановска го најави и нејзиниот нов проект поврзан со хуманитарната организација, односно креација и продукција на креативни маички со нејзиниот лик, дизајнирани лично од манекенката под името „Парго“.

„Маичките ќе се продаваат по симболична цена од 690 денари и сите пари ќе одат во фондацијата за лечење на болните деца. Маичките ќе можат да се купат веќе од следниот месец во кафулето Концепт 37, во Калдрма бар во Стара чаршија и на 11 мај на Скопскиот маратон каде сите учесници, но и присутни, ќе можат исто така да придонесат за фондацијата со купување на овие маички“, објаснува Катарина.

Во однос на финансискиот дел и функционирањето на нејзината фондација, младата манекенка појаснува дека првиот дел средства ќе биде собран од продажбата на дизајнираните маички, а веќе за понатаму, има и други идеи.

„Еден дел од финансиските средства ќе се собира од продажбата на маичките, а за понатамошните идеи ќе бидете известени. Можеби тоа ќе биде некоја претстава, па дел од парите собрани од продажбата на картите ќе одат во фондацијата, потоа слично ќе биде и со некои спортски натпревари итн. Ние ги повикуваме сите кои што сакаат да бидат пријатели на фондацијата од бизнис светот, од институциите во Македонија слободно да не контактираат и да бидат дел од нашата фондација“, вели Катарина.

Она што таа го спомена како особено важно е тоа што и дел од парите од хуманитарната трка на 5 километри на Скопскиот маратон закажан за 11 Мај годинава, ќе бидат донирани во нејзината фондација.

Објавено:
17 април 2014
Категорија: 
Актуел