Кејт Мос и Стела Мекартни ги здружија силите во борбата против рак на дојка

3 октомври 2014

Многу добро ни е познато дека светски познатите личности секогаш наоѓаат начин како да им помогнат на луѓето кои имаат потреба од било каква помош. Тие својата хуманитарна страна ја покажуваат во неколку наврати на различни настани но и како членови на различни здруженија, организации и асоцијации кои имаат благородна цел. Добротворната организација „Breast Cancer Awareness“, за рано откривање и борба против ракот на дојка, годинава ги здружи британската дизајнерка Стела Мекартни и супер моделот Кејт Мос за заедно да го промовираат новиот дизајн на креаторката. Станува збор за колекција на долна облека дизајнирана од Мекартни, која за заштитно лице ја има Мос.

„Сакав кога жените наутро ќе го облечат сетот долна облека тој да има моќ да ги потсети дека тие треба да се грижат за своето здравје и да го посетуваат редовно својот доктор. Сакав долната облека да биде на некој начин појдовна точка која полека ќе ја буди свеста на жените и тие конечно ќе станат свесни за сериозноста на оваа болест и за нејзините страшни последици. Сетот покрај тоа што служи како „потсетник“, тој изгледа навистина одлично, кројот и изгледот соодветствуваат на сечие тело, мошне е удобен и стилски“, изјави дизајнерката Мекартни за медиумите.

Мајката на Стела почина токму од оваа страшна болест, па дизајнерката има и причина плус да биде поддржувач на еден ваков проект. Имено, таа отвори и центар кој ги згрижува жените кои боледуваат од рак на дојка и им обезбедува соодветна нега, а го носи името на нејзината мајка „Linda McCartney Centre“.  Средствата кои ќе се добијат од продажбата на колекцијата се наменети токму за помош на центарот, но и за купување нов мамографски апарат во болницата во Ливерпул.

„Жените се срцето на секое семејство. Тие се оние ангели кои имаат сила да го обединат истото и сите заедно да ги победат сите предизвици. Затоа чувајте ги своите девојки, жени, мајки и баби и бидете тука за нив, секогаш“, изјави за крај Стела Мекартни.

 

Објавено:
3 октомври 2014
Категорија: 
Актуел