Откако предизвика големо внимание, но и различни коментари (голем дел негативни), кога Ким Кардашијан се појави на годинешнава Мет гала во иконскиот фустан што Мерилин Монро го носела пред 60 години, на роденденот на Џон Кенеди, сега овој случај го следат нови контроверзии.
Инстаграм профилот Diet Prada објави фотографии на кои јасно се гледа како историскиот фустан е оштетен.
На фотографиите е направена споредба пред и по Мет гала, што јасно укажува дека е оштетена самата ткаенина, а дополнително недостасуваат и кристали.
Овој случај дополнително ја разгневи јавноста, а особено стручната фела.
Скот Фортнер, историчар и колекционер кој стои зад најголемата светска колекција на лични предмети и облека кои ѝ припаѓале на легендарната Монро, вели дека Кардашијан го злоупотребила ова уметничко дело.
-Ова е национално богатвство кое не требаше повторно да се носи. Да беше до мене, не би дозволил ова парче од американската културна историја вака да се злоупотреби, вели колекционерот.
Токму тој деновиве го посетил музејот Ripley каде фустанот е изложен и лично ги направил фотографиите на кои недвосмислено се гледа разликата пред и откако Ким го носела фустанот.
View this post on Instagram
Иако Ким се пред Мет гала се пофали дека ослабела седум килограми само за да влезе во фустанот, на снимките кога се подготвува при што неколку луѓе внимателно и асистираат да го облече, јасно е како дошло до оштетувањето. Дури не успеале целосно да ја закопчат, па затоа и носела бела бунда за да го прикрие тој момент.
Само за потсетување , дури и самиот дизајнер, Боб Меки потенцираше дека никој после Мерилин Монро не треба да си дозволи да го облече овој легендарен фустан.
За илустрација, фустанот со цел да остане во најдобра можна состојба, музејот Ripley го чува во специјални услови, со влажност на водухот од 40 до 50%, но на Ким ѝ беа доволни 11 минути фотографирање на црвениот килим за да направи непоправлива штета.