Ќерката на Бјорк, Исадора Бјаркардотир Барни, зачекорува во светот на модата како модел на Миу Миу

5 август 2022

Ќерката на Бјорк сака да биде запаметена како многу повеќе од само „ќерката на Бјорк". Со нејзиното скорешно зачекорување во светот на модата, таа дава до знаење дека нејзиното име, Исадора Бјаркардотир Барни, ќе се слуша многу почесто.

Миуча Прада одлучи да ја направи 19-годишната девојка дел од најновата кампања на Миу Миу, заедно со големите имиња како Сиднеј Свини, Емили Ратајковски, Ема Корин и Деми Синглтон. Додека останатите ја претставуваат нејзината колекција за есен 2022 година, Барни е единствената што го претставува сезонскиот накит (кој е направен во соработка со уметниците Натали Џурберг и Ханс Берг).

Фото: wmagazine.com

Според официјалното соопштение, ова е само почеток на престојните соработки на Исадора со брендот, додека пак според објавата на девојката на нејзиниот Инстаграм профил, „ова партнерство значи остварување на сонот".

Ќерката на Бјорк и познатиот уметник Метју Барни, неодамна го имаше и своето актерско деби на филмсокото платно, во филмот „The Northman" на Роберт Егерс, каде се појави заедно со својата мајка, Ања Тејлор-Џој и Александар Скарсгард.

Фото: wmagazine.com

Сепак, и покрај тоа што е дете на две звучни имиња, Исадора која во моментов е студентка на колеџот Пицер, Универзитет за либерални уметности во Клермонт, Калифорнија, вели дека е среќна што во најголем дел од нејзиното детство таа успеала да го избегне медиумското внимание. Нејзините врсници речиси и да не ја слушале музиката на нејзината мајка, ниту пак ги следеле настапите на нејзиниот татко. Минатата година, Исадора дури и доби работа во продавница за плочи во родниот град на нејзината мајка, Рејкјавик.

Фото: wmagazine.com

Фактот што Исадора Бјаркардотир Барни своеволно влегува во светот на модата и филмот дури на 19-годишна возраст е пример за здрава одлука на младата девојка и нејзините родители, вредна за почит. Во меѓувреме, можете да чуете и дел од музиката што таа ја создава откако Џоана Њусом ја инспирираше да научи харфа.

Фото: wmagazine.com

Објавено:
5 август 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
305 пати