Кој ги изработи униформите на олимпијците?

8 февруари 2014

 

Гламурозното отворање, манифестација која се одржа вчера вечер, официјално го најави стартот на Зимските олимписки игри во Сочи. Тимови од различни земји во светот ќе имаат можност да го докажат својот спортски потенцијал  и ќе  се обидат да и донесат победа на својата земја. Одговорните на спортските тимови веќе неколку години по ред изгледот на спортските униформи за  натпреварувачите им го доверуваат на големи модни куќи и брендови. Во пресрет на големиот старт еве кој ги облекува националните тимови на дел од земјите учеснички.

 

 

Бугарија

Униформите на бугарскиот тим се во боите на нивното знаме, а се произведени од италијанската компанија VIST. Облеката е изработена од лесен материјал од специјално развиен тип на ткаенина, така наречена мембрана која штити од потење. Чевлите ги произведе италијанската компанија Dolomitе. Бугарските униформи се многу стилски. Според модниот експерт Љубомир Стојков тие се и удобни и функционални.

 

 

Франција

Французите секогаш се потпираат на спортско-елегантниот стил. Униформите ги потпиша познатиот бренд Lacoste и истите се со модерен дизајн во кој многу се внимавало на софистицираноста, но и практичноста.

 

 

Шведска

Швеѓаните за својот стилски настап на Олимпијадата решија да го ангажираат модниот гигант H&M. Нивниот изглед е во темно сина боја со детали обоени во жолто. Брендот дури во своите продавници пушти и модна линија која е посветена на игрите во Сочи.

 

 

САД

Американците по традиција својот стил му го доверуваат на Ралф Лорен. Парчињата, впрочем како и кај поголемиот дел од екипите се во боите на знамето. После промоцијата на униформите, дел од стилистите имаа негативни коментари за изгледот на американските натпреварувачи, велејќи дека се премногу нападни.

 

 

Русија

Стајлингот на домаќините е мошне атрактивен. Униформите се со традиционални руски мотиви, надополнети со шапки и топли палта. Дизајнерот на руската спортска бајка е руската фирма Боско.

 

 

Холандија

Холанѓаните презентираа мошне шик изглед, кој наликува на деловен стил. Креациите се дело на Suitsupply.

 

 

Велика Британија

Спортските екипи на Британија како свој омилен „кројач“ го имаат спортскиот бренд Адидас, кој специјално за британскиот тим изработи униформи кои се во боите на англиското знаме, но во однос на стилот воопшто не изостануваат од другите земји.

 

 

Италија

Дури и за Олимписките игри Италијанците знаат како да покажат стил, елеганција и префинетост. Нормално дека модната приказна ќе биде најуспешна на овој тим, кога зад нив стои една од  најпрестижните модни куќи во светот, на чело со кралот на модата Џорџо Армани.

 

 

Германија

Германскиот тим навистина изненади со својот изглед, презентирајќи мошне живописен и цветен  стил во однос на изборот на бои и дезени. Вили Бјогнер кој е дизајнерот на годинешните униформи, инспирацијата за дизајнот ја црпи од изгледот на униформите во далечната 1972 година, кога седиште на олимписките игри беше градот Минхен.

 

 

Јапонија

Јапонците изгледа дека заедно со Германците сакале да понудат нешто поразлично од вообичаената употреба на бои и крој. Тие Јапонија ќе ја бранат во портокалова боја на која и е додадена тиркизната нијанса со цел да се создаде мал контраст на колоритниот дизајн.

Објавено:
8 февруари 2014
Категорија: 
Актуел