Колекција јакни и чанти направени од кожата на Александар Меквин!

19 јули 2016

Талентираната студентка по моден дизајн Тина Горјанц во моментов работи на најбизарното нешто што сте го слушнале во последно време.

Имено, таа ја смислува новата колекција кожени чанти и јакни кои ќе бидат направени од кожата на починатиот дизајнер Александар Меквин. Да, добро прочитавте!

Таа користи ДНК од дизајнерот за да направи човечка кожа во лабораторија за подоцна да ја користи како дел од материјалите за новите парчиња на модната куќа.

Кожата ќе биде толку автентична што на неа ќе ги видите познатите тетоважи, брчки, лузни и пеги што самиот дизајнер ги имаше. 

Младата дизајнерка проектот го нарече „Pure Human“, а како што самата ќе каже, преку истиот се надева дека со ова ќе може на светот да му покаже колку е незаштитена ДНК – та на било кој човек.

За да ги направи парчињата, таа искористила парче од неговата коса која тој ја вметна во модели од неговата колекција од 1992 – ра година, наречена „Jack the Ripper Stalks His Victims“.

Доколку некому му се допадна оваа бизарна вест, мора да ве разочараме и да посочиме дека сите парчиња што ќе се направат од кожата на дизајнерот ќе бидат изложени единствено во музеј и нема да се продаваат.

„На моето модно шоу со кое всушност дипломирав, дојде еден од претставниците на модната куќа. Им ја кажав идејата што ја имав и добив многу позитивен одговор од нив. Оние кои му биле многу блиски и кои секој ден работеле со него ми рекоа дека идејата многу би му се допаднала. Тој секогаш одеше надвор од границите и се обидуваше да ги прекрши сите правила во модата“, вели Тина. 

Објавено:
19 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
392 пати