Најпопуларната личност на Инстаграм, со најголем број следбеници за минатата година беше младата пејачка Селена Гомез. Но, таа не е и најплатената, барем кога се работи за цената на една објава на оваа социјална мрежа.
Во таа категорија приматот го има Бијонсе. Иако по бројот на следбеници Бијонсе се наоѓа дури на 22 место, сепак таа одлично знае да ги наплати своите објави.
Истражувањето на агенцијата D’Marie Analytics, покажува дека една Инстаграм објава на Бијонсе чини милион долари! Селена Гомез пак, за истата работа добива околу 750.000 долари. Ким Кардашијан добива половина од износот што го добива Bey, додека Кендал Џенер заработува околу 400.000 долари по објава.
Во контекст на ова, следи и логичното прашање, како таа, со значително помал број следбеници, има најголема заработувачка?
Од агенцијата велат дека на социјалните мрежи не секогаш повеќе е повеќе.
-Ограниченото објавување на ексклузивна содржина предизвикува лудница кај нејзините обожаватели – вели извршниот директор на агенцијата, Френк Спадафора.
Таа ретко објавува постови на Инстаграм, а уште поретко во нив е вклучена спонзорирана содржина. Па, кога со фотографиите од нејзините модни изданија или семејство, ќе се провлече и по некоја платена објава, тоа за Бијонсе е мошне исплатливо.
Пред два дена на оваа социјална мрежа објави видео по повод годишнината од брак со Џеј Зи, каде сподели некои интимни моменти, а следбениците (па и медиумите) тотално „откачија“. Резултатот е преку девет милиони прегледи...
Учеството во кампањата на „Пепси“ пак, пред неколку години ѝ донесе 50 милиони долари на сметката.
Кој знае –знае!