Колку може да заработи градот за време на Модна недела?

8 март 2017

Модата и покрај се, е бизнис. Покрај индивидуалните заработки на светските брендови, вртоглави се и сумите што ги заработуваат метрополите за време на одржувањето на модните недели. Ова секако во прв план се однесува на модните центри: Њујорк, Лондон, Милано и Париз.

Публикацијата Fashion United направи едно интересно истражување кое се однесува на статистиката колку и како заработуваат градовите за време на тамошните модни недели.

Во тек е модната недела во Париз, која годинава трае еден ден помалку, четири големи имиња ги откажаа своите ревии, но и покрај тоа ќе бидат прикажани околу 90 ревии, а Париз би требало да биде побогат за околу 64,5 милиони евра.

Како може една недела на модата да ја наполни градската каса?

Анализата на Fashion United ги вклучува бројот на посетители, нивниот просечен приход како и тоа колку трошат за време на модната недела, цените на локалните хотели и ресторани, даноците, како и дополнителните трошоци.

Според нивните пресметки, Париз оваа сезона од актуелната модна недела би требало да заработи 64,5 милиони евра од кои 11,5 милиони одат директно во градската благајна. Но, другите модни метрополи заработуваат далеку повеќе.

И покрај тоа што Париз е домашна адреса на брендови како Шанел, Диор и Луј Витон, сепак модните недели им донесуваат многу поголема заработка на Њујорк и Лондон.

Њујорк на пример за време на последната модна недела заработи 540 милиони евра од кои 61,5 милиони евра директно ги добива градот. Но, треба да се има в предвид дека на њујоршката модна недела се одржуваат речиси 140 модни ревии и таму пристигнуваат околу 150 илјади гости. Потоа следува Лондон со околу 104 илјади посетители и заработувачка од 278 милиони евра.

 

Објавено:
8 март 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
113 пати