Колку вредат во онлајн продажбата ракотворбите - везовите и плетенините што ги изработуваа нашите баби?

14 октомври 2020

Традицијата проткаена низ ракотворбите има непроценлива вредност за сечија култура и поднебје. Особено нашиот регион бил ризница на занаети кои калемеле вистински културни вредности што за жал денес во најголем дел остануваат само архаичен потсетник на богатата култура и традиција.
Но, ако кај нас ги „јаде" заборавот, во светот ракотворбите наидуваат на големо внимание и им се дава значење и вредност какви што заслужуваат.

А таквата вредност се разбира има и цена. Во тој поглед, многу талентирани ракотворци препознаваат можност за сопствен бизнис што го реализираат благодарение на широките дгитализирани канали за продажба, односно преку платформите за онлајн продажба на рачно изработени уникати.

Ако како мали жедно го пиевте знењето и техниките што ги користеа вашите баби при плетењето или пак везењето на пример, па успеавте да ги осознаете тајните на занаетот, сте размислувале ли некогаш да го искористите таквото знаење и да му дадете модерна форма?

Се почесто сведочиме како социјалните мрежи истовремено се трансформираат во одлична платформа и можност за вмрежување на занаетчии што меѓусебно се инспирираат и даваат свој придонес за популаризација на традиционалните занаети, нивно повторно ставање во функција, па дури и како одлична прилика за заработка.

Во прилог на ова се и новите трендови во уредувањето кои сè почесто применуваат токму такви уникатни и рачно изработени декорации во облагородувањето на животниот простор, давајќи акцент на индивидуалноста и персонализацијата на домот.

Тоа нè поттикна да истражуваме, во каков опсег варираат цените на ваквите модели на рачни изработки вклучувајќи ги различните форми и техники на плетенини и везови.

Секако дека наидовме на широк распон на вреднување кое што зависи од бројни индикатори како на пример деликатноста на ракотворбата, димензиите, времето потребно за изработка, какви материјали и техники биле користени при изработката итн.

Везови во покомплицирани композиции аплицирани на кошули или блузони, може да чинат над 70 евра, па да достигнат и до некоја просечна вредност од 160 евра, но тука не е плафонот и цените може да растат многу повисоко во зависност од различни фактори, дел наведени погоре.

Техниката „макраме" (вид на преплет со врзување на разни видови јазли).е особено популарна, па на онлајн пратформата „Etsy" може да наидете на голем избор на рачни изработки базирани токму на оваа техника. Така на пример, според ценовникот на „Etsy", завеса со димензии 1,98m x 1,21m, изработена со оваа техника може да ве чини околу 144 долари. Божиќни украси за новогодишно дрвце, креирани со истата техника, може да ве чнат од 5 до 10 долари во просек по парче...

 

Поедноставни везови со помали димензии може да чинат од 7 долари па нагоре, со можност да достигнат и просечна цена од 100 долари за побогати везови.

Побаравме податоци и на македонската онлајн продавница за рачни изработки, која обединува над 80 занаетчии и ракотворци од различни сфери, Еснаф.

Во шарениот избор на ракотворби, наидовме на интересни рачно плетени несесери, со димензии 18 x 10cm за чија изработка биле потребни 7 дена и чинат 1690 денари. Во листата на производи, вниманието ни го привлекоа и торбичките везени со етно мотиви со цена од 890 денари. Уникатни плетени играчки за деца на истата платформа, чинат од 590 до 4790 денари, во зависност од големината, креативата, потрошениот материјал, време итн...

Факт е дека, уникатните рачни изработки имаат и една друга непроценлива димензија, покрај материјалната. Во секоја ракотворба, уметникот, ракотворецот остава парче од својот карактер, имагинација, креативност, од себе – a сето тоа не се „сумира".

 

Објавено:
14 октомври 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
399 пати