Кралицата Елизабета со голема забава го прослави 92. роденден

23 април 2018

Во „Ројал Алберт Хол“ во Лондон  во саботата кралицата со голем концерт во нејзина чест го прослави 92. роденден. 

Таа во придружба на својот син и останатите членови на семејството (без Кејт, која е во болница и во секој момент се очекува раѓањето на третото дете и Филип кој неодамна имаше операција на колк и изјави дека ќе се повлече од јавните појавувања) пристигна во големата сала, а шоуто го отвори Том Џонс.

Кралицата носеше златно-жолт фустан, во комбинација со црни чевли на ниска потпетица. Со стајлингот, вниманието го привлече и Меган Маркл, која се појави во минималистички тегет фустан од дизајнерката Стела Мекартни. Го искомбинира со чевли во слична нијанса и интересна чанта во златна нијанса со зоѕвездија.

Што се однесува до музичкиот дел, за забавата се погрижија и Стинг, Крег Дејвид, Шеги, Шон Мендез, Кајли Миног и други... Инаку, кралицата досега секогаш го прославувала роденденот во приватна атмосфера, така што ваквата одлука, да се забавува многумина ги изненади.

За потсетување, таа со овој роденден стана и најстариот жив монарх, а воедно е рекордерка и по стажот на владеење - 66 години (стана кралица во 1952 година, на 25-годишна возраст). Со принцот Филип се во брак 71 година.

На големата сцена се појавија и принцот Чарлс, како и принцот Хари, кои одржаа кратки говори во нејзина чест.

Чарлс во својот говор на кралицата во еден момент ѝ се обрати со мајко, што кај неа предизвика реакција со очите, што многумина ги насмеа и што покажа дека Елизабета ведриот дух сè уште одлично ја служи.

 

Инаку, приходот од концертот ќе оди во организацијата „The Queen's Commonwealth Trust", нова хуманитарна организација која охрабрува млади луѓе да постигнат подобри резултати во спорт, образование и здравје.

Во продолжение погледнете ги и останатите фотографии од вечерта:

 

Објавено:
23 април 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
801 пати