Креациите на Вествуд блеснаа со посебен аристократски шарм на новогодишниот концерт во Виена

2 јануари 2014

Првиот ден од новата година не би бил комплетен без традиционалниот Новогодишен концерт на Виенската филхармонија, кој оваа година по 72-ри пат се одржа во златната сала Лихтенштајн во Виена. Концертот беше прикажан во 80 земји ширум светот, а освен што претставуваше празник за уши, исто толку моќна за очи беше и костимографијата на држевните блатетски танчари, креирана токму од британската дизајнерка Вивијан Вествуд. Дизајнерката која е позната по бунтовните панк креации, овој пат во престижната виенска сала ја покажа својата романтична и драматична страна. Пред одржувањето на концертот светските медиуми информираа дека креациите на Вествуд ќе се појават во два дела и тоа првиот пат за време на паузата од концертот, кога балерините и балетаните играа  валцер во креации од последната златна колекција за пролет-лето 2014 која беше презентирана на модната недела во Париз.

Волуменозните фустани со многу тул одлично се надополнија во барокниот стил на златната сала за бал. Во вториот дел танчарите играа на Полка, од која дизајнерката успешно ги спои традиционалното и историјата, со тоа што на балерините им облече мини килтови со шкотски орнаменти, инспирирани од моделите на колекција презентирана во 2005 година.

 

Изненадувањето беше на крај, кога на композицијата „На убавиот син Дунав“ од Јохан Штраус се играше прекрасен валцер, а балерината носеше макси волуменозен црно-бел фустан кој освен музиката беше во главниот фокус. Дека музиката и модата одлично се надополнуваат, изјави и славната дизајнерка која соработката со Виенската филхармонија ја има остварено преку нејзиниот сопруг и креативен директор на брендот, Андреас Кронтхалер, кој е роден Австриец што своето детство го поминал следејќи ги престижните концерти на филхармонијата.

 

 

 

Објавено:
2 јануари 2014
Категорија: 
Актуел