Креативната слобода е клучна за деловен успех

23 јануари 2015

10933784_917046738329475_3675073141111949130_n-650x243

Роберт Ордановски, Елена Пандева и Митко Керамитчиев беа гостите на осмото Бизнис кафе што се одржа вчеравечер во кафе-бар ресторанот Every Day.

Учесниците на бизнис кафето имаа можност да ги споделат своите искуства, информации и знаења, да остварат нови контакти.. Секој од гостите го искажа своето видување на работата со која се занимава, се осврнаа на потешкотиите со кои се соочуваат секојдневно и успесите.

Со својата приказна средбата ја започна директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Ордановски. Тој потенцираше на важноста на семејството како столб на неговата успешна приказна. Исто така, Ордановски проговори и за најчестите проблеми на кои нидува, како и за секојдневните предизвици.

-Деловниот свет е таков да, со некогашните соработници утре можете да се најдете на спротивни страни. Тоа ми се случува и мене, но тогаш се разговара отворено и со факти –вели Ордановски.

Тема на разговор беа и најчестите приговори од корисниците, како и начинот на кој тој и неговиот тим се справуваат.

Сопственичката на модниот бренд Елена Лука, Елена Пандева, оваа година го доби признанието Супербренд на Македонија, што беше уште една од причините да се најде меѓу гостите и да ја сподели својата приказна.

На првото прашање, како се станува успешен претприемач, таа вели:

-Сите што се претприемачи во Македонија се успешни. Оддавам почит на секој што собрал храброст да влезе во бизнис, со сиот приватен капитал што го поседува, да ризикува некој квантум на средства и да може да го менаџира сето тоа. Без оглед на личните квалитети, има многу голема разлика дали ќе бидете менаџер на сектор во некоја голема компанија, или ќе бидете сопственик, некој што ќе ја води целосната визија на една фирма, обезбедување плати... Тоа е еден друг вид на тензија и голем притисок. Во секој случај, сметам дека за да станете успешен претприемач треба да се борите постојано, многу да работите, а важна е и едукацијата.– изјави Пандева.

Таа проговори и за тоа како започна приказната на Елена Лука.

-Започна пред седум години. Во едно зрело доба ми се случи да го реализирам мојот сон и да создадам сопствен производ. Почнав со една оригинална идеја, ја поставив како што сметав дека треба, а потоа беше запознаена и целата македонска јавност, како и сите оние што ја конзумираа модата на Елена Лука. Патот беше напорен, но тоа беше и очекувано. Но, не знаев дека е толку тешко да обезбедите тим и работна рака што ќе може да ве следи. Правев истражувања на пазарот, јасно ми беше дека работиме лон систем, за други инвеститори, но не и дека ќе биде навистина тешко да се најдат луѓе што ги познаваат комплетно сите фази на производство. На почетокот имав макотрпен пат, формирајќи тим, кој што и денес се усовршува, а денес Елена Лука е позиционирана, па затоа верувам и денеска сум тука.

За клучен и пресвртен момент за издигнување на брендот Елена ја посочува првата ревија.

- Мојата личност како претприемач не ја оформи само Елена Лука, туку и работата со Жикол, каде уште од млади години му се приклучив на мојот татко. Тогаш почнав да се развивам, да ја градам основата како претприемач, а Елена Лука беше само надградба.  Но, ако зборуваме конкретно за модниот бренд, тоа можеби беше и големата хуманитарна ревија во Универзална сала, што ја направивме после само шест месеци постоење. Македонската телевизија тогаш ни отстапи три часа од програмата, се вклучија 80 жени од сите сфери во Македонија, носеа наши креации кои беа предмет на продажба, а средствата беа донирани на онкологија, поточно за системот за вентилирање.

Но, за да биде една приказна успешна, многу е важен и тимот што ќе ја гради и неговата мотивација.

-Не е лесно. Мора да најдете луѓе што имаат слична фреквенција со вашата. Тоа мора да бидат луѓе што се креативни, самоиницијативни, веќе развиени, што сакаат да одат напред, притоа да се млади, едуцирани и јас ги имам сега пред мене. Вработените најмногу се мотиввираат преку слободата. Тие мора да бидат слободни за да креираат. Дајте им простор да се изразат. Елена Лука сега порасна и во Elena Luka Home,  инвестираме во објекти, градиме, работиме и со ентериери и всигурна сум дека ќе станеме квалитетен бренд... Тимот само расте, а тоа се случува благодарение на тоа што имаат креативна слобода – вели сопсвеничката на брендот.

Со оглед на тоа дека Елена Лука ќе се проширува и надвор од Македонија, на прашањето колку е тешко да се продаде домашен производ на странски пазар, Пандева одговара:

-Сè е тешко да продадете, особено мода, во ова време на хиперпродукција, посебно во модниот свет. Исто така, едукацијата на ова поле во Македонија е различна. Кај нас од неодамна постојат факултети што нудат едукација за модни дизајнери. Морам да напоменам дека сум исклучително внимателна во изборот на дизајнерите во тимот. Тоа се луѓе што се школувале надвор од Македонија. Не дека имам против на она што се нуди како едукација кај нас, но сè уште треба да го изодиме патот за да стигнеме до една поквалитетна едукација и да го надминеме моментот на добивање дипломи на пријателска линија. Елена Лука многу вложува во тоа на кој начин ќе дизајнира облека што нема многу да се разликува од светската тенденција и за среќа ние сме многу барани во регионот како бренд и во Австрија.

Елена е една од деловните успешни жени, во сè уште машкиот свет. Токму затоа да се постигне балансот помеѓу улогата на успешна мајка и бизнис жена, не е воопшто едноставен и е голем предизвик.

-Работата ја прави жената еднаква со мажот, но мајчинството е секогаш пред него. Ги почитувам мажите секако, но да сте мајка, а паралелно да водите бизнис, особено кога детето е во помала возраст и притоа да успеете да го одгледате во нормална и здрава личност, е навистина тешко.– искрена е Пандева.

Последен на тема мотивација и професионално надоградување зборуваше и Митко Керамитчиев, бизнис консултат во
Интеркон-УБС. Тој со мошне инспиративен говор, отворено зборуваше за важноста на тоа како размислуваме. Според него, со контролирање на нашите мисли, го контролираме и она што ни се случува.

-Тоа е нешто во што верувам и што го практикувам. Ако постојано се жалите, нема ништо да постигнете. Како професор исто така, она што сакам да им пренесам и што многу е важно за младите луѓе е не јас да бидам тој што ќе знае најмногу, туку тие да се препознаат во моето знаење – вели Керамитчиев.

Осмото Бизнис кафе заврши со бизнис вмрежување меѓу пристутните. Сите имаа можност да се запознаат меѓу себе, да разменат по некое искуство и секако деловен контакт.

Објавено:
23 јануари 2015
Категорија: 
Актуел