Кристијан Лубутан дизајнира за олимпискиот тим на Куба

22 јули 2016

Иако тој најмногу е познат по фантастичните високи потпетици и модни додатоци кои ги обожаваат девојките низ светот, овој пат, Кристијан Лубутан ќе ја дизајнира свечената облека за олимпискиот тим на Куба.

Тоа нема да биде облеката со која тимот ќе настапи на Олимпијадата во Рио ова лето, туку облека со која ќе се појавуваат на официјални настани како отворањето и слично.

За создавањето на парчињата, Лубутан се спои со поранешниот одбојкар Хенри Таи кој е основач на SportyHenri.com, бренд кој создава одлични спортски парчиња.

На самите проби во ателјето на Лубутан во Париз, кубанските спортисти му помогнале раскажувајќи му за родната Куба, за што тој ќе каже дека многу му помогнало во креирањето на костимите.

Истите за прв пат беа прикажани на официјален настан кој се одржа вчера во Лисабон, Португалија, а чиј домаќин беше актерот и поранешен Олимпиец Педро Лима.

Костимите изгледаат навистина уникатно и интересно, истите се направени од квалитетен материјал во црвена, крем и црна боја, а составени се претежно од кошула, палто и панталони.

Сосема нормално, во предниот дел на костимите дизајнерот го постави и знамето на Куба, додека во задниот дел постави ѕвезда.

Покрај парчињата облека, Лубутан создаде и чевли кои се секако негова специјалност, а мора да признаете дека и овие изгледаат одлично како и сите негови вртоглаво високи потпетици.

Објавено:
22 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
164 пати