Кризата ја прели чашата: „Плејбој“ се збогува со печатеното издание

20 март 2020

После речиси седум децении, магазинот „Плејбој“ нема веќе да има печатени изданија во САД. Како пренесуваат странските медиуми, кризата предизвикана од Ковид -19 ја прелила чашата, на веќе простоечките проблеми.

Познато е дека магазинот и претходно беше во финансиски загуби. За разлика од златното доба во 1970-тите кога имаше милионски тираж, продажбата опадна повеќекратно низ годините. Но, пандемијата го зададе конечниот удар, па читателите ширум САД, веќе нема да го гледаат печатеното издание.

Пролетното издание кое треба да излезе наскоро, ќе биде последното на хартија. Освен еротиските фотографии, „Плејбој“ беше популарен магазин и поради интервјуата и политичките теми и текстови.

„Минатата недела, кога влијанието на пандемијата на коронавирисот  на производството и синџирите на достава стана сè поочигледно, бевме приморани да го забрзаме разговорот, кој веќе интерно беше воден. Одлучивме дека нашето пролетно издание, кое на трафиките, како и дигитално, ќе пристигне во текот на оваа недела, ќе биде нашето последно печатено издание годинава во САД“, се вели на блогот на магазинот.

Она што исто така се потенцира е дека „Плејбој“ ќе продолжи со функционирањето онлајн, а во другите држави за сега, ќе биде задржано печатеното издание. 

Објавено:
20 март 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
763 пати