Куманово го оживеа староградксиот моден дух

14 јуни 2014

Градот што е сместен во срцето на источното подножје на Скопска Црна Гора, Куманово,  вчеравечер на своите граѓани реши да им  приреди едно поинакво уживање преку оживување на  спомените од едно минато време кое пулсира во духот на староградкиот живот и модата карактеристична за дваесеттиот век.

Проектот со наслов „Модните трендови и културата на живеење од „ала франга“ до современа мода“, финансиран од Министерството за култура на Република Македонија се реализираше вчеравечер во Лапидариумот на Н.У. Музеј во Куманово, под авторство на Анита Ѓорѓиеска.

По тој повод беше одржана модна ревија на староградската мода „ала франга“, на која застапени беа креациите на познатите дизајнери Ненад Секирарски и Александар Рашковиќ кои инспирацијата за своите модели ја најдоа токму во староградската носија.

Дизајнерот  Секирарски вели дека со организаторката на настанот Анита Трјаковска Ѓоргиевска се познава долго време и знае дека таа е вљубеник во модата, но како етнолог има сосема друга перцепција преку која го регистрира развојот на модата низ годините и вековите на градот Куманово. За него тоа беше  доволен предизвик  да прифати да биде дел од еден ваков специфичен настан.

„Со цел да се долови модата во последните години јас се одлучив за селекција од десет модели од моите последни колекции, но секако доминираа креациите од мојата најнова колекција со која што го затворив Белградскиот Fashion Selection во април оваа година“, вели Секирарски.

Според модниот дизајнер не постои минато и сегашност, туку само еден момент во кој што живееме и треба да го согледаме со вистински очи. За Секирарски еден ваков проект е доказ дека облеката може да биде безвременска и нослива и секако дел од она што сме ние во суштина.

„Роден сум и растев во една стара градска фамилија во Куманово, традицијата и семејните вредности секогаш биле високо ценети и секако горд сум што и моите брат и сестра преку нивните семејства успеваат тоа да го пренесат понатаму. Секогаш сум бил сведок на елегантниот градски живот со облекување за прошетка во приквечерина на градскиот плоштад, за убава облека во недела за црква и секако за верските празници. Затоа ми е многу драго што тој континуитет во културата на облекувањето се негува и до денес“, додава дизајнерот.

За дизајнерот Александар Рашковиќ поканата од Националната установа музеј Куманово претставува особена чест и со задоволство решил да биде дел од овој проект.

„Впрочем тоа е и еден неизоставен дел од мојата професија како костимограф и моден дизајнер. Со колешките од музејот кои по професија се етнолози, имавме одлична соработка, како и со директорката , но и со мојот драг колега Ненад Секирарски, со кој пак потекнуваме од истиот град Куманово, вели Рашковиќ.

Според Рашковиќ, Куманово е еден од постарите градови во Македонија што може да се пофали со голема историја во градење на културата на живеењето низ историјата како и во облекувањето.

„Општо познато е дека прво Османлиската империја оставила прилично голем печат во сите сфери на живеењето, па така и во облекувањето и последователно на тоа таа мода се нарекла „ала турк“, а подоцна со влијанието на западноевропските држави, модата се развива во „ала франга. Јас во овој случај за инспирација ја земав втората насока бидејќи според мене е посовремена и пософистицирана. Направив неколку процеси во создавањето на оваа моја мини колекција: трансформација, адаптација и на крај стилизација. Не експериментирав многу во кројот и моделирањето, само вметнав една малку современа трендовска линија која направи моделите да изгледаат малку и покомерцијално. Повеќе се трудев да го доловам духот на градските дами и да го нагласам нивното чувство за издвоеност од пошироката маса“, објаснува дизајнерот.

Неговото семејство по мајка води длабоки  корени од Куманово, па така семејните спомени, приказни и фотографии, хемеротеката,  но и стручноста на етнолозите од музејот му помогнале во градењето на модната приказна.

„Единствениот дел кој е најтежок во целиот процес е изборот на материјали бидејќи во денешно време многу е тешко да се најдат на пазарот материјали од природни влакна, но затоа е тука нашата креативност која ни помага д ги адаптираме современите трендови и материјали за потребите на креациите. Горд сум на овој проект и горд сум на мојот град и на музејот како  и на колегите кои се вклучени во проектот. Традицијата секогаш треба да се негува и почитува, нашите историски корени треба да продолжат да се шират преку нас креативците бидејќи имаме многу што да покажеме. Нека овој проект биде една мала искра која ќе докаже дека не секогаш треба да бараме инспирација од светската мода и историја“, завршува Александар Рашковиќ.

Меѓу многубројните присутни гости на настанот беше и министерката за култура Елизабета Канческа -Милеска. Се надеваме дека ваквите настани ќе бидат доволен мотив за сите оние чија цел е зачувување на македонската традиција, култура, уметност, наследство и творештво. Во продолжение погледните ги фотографиите од вчерашното дружење.

Објавено:
14 јуни 2014
Категорија: 
Актуел