L&E чанти - практична естетика од Лондон во Скопје

22 јануари 2015

Вчера во урбаното кафуле Concept 37 во Скопје, за прв пат беа промовирани рачно изработените чанти од лондонскиот бренд L&E.

Имавме можност директно да се запознаеме со идејата на ова дизајнерско студио кое промовира пред се еколошки одговорен дизајн, па при изработката на чантите се користени и еколошки материјали и различни техники на рачна изработка.

Основната цел на L&M  е да понуди на пазарот чанти кои истовремено се практични и функционални, но со висока естетика и оригинален дизајн.  Нивната намена е пред се за патувања или за на работа, но благодарение на функционалниот спој на практичноста и естетиката, лесно може да се адаптираат во секојдневието на секоја дама.

На вчерашната промоција беа изложени две колекции, актуелната зимска линија во која преовладуваа темни тонови, претежно тегет и сива со интересни порабувања во бои кои создаваа контараст и летната колекција во која доминантни се земјените тонови, плетенините, како и пресувана целулоза.

„L&E изработува чанти кои се наменети за патување и работа во исто време. Затоа чантите треба да бидат многу лесни, па при изработката се употребуваат  вештачки материјали. Зимската колекција е направена токму од вештачка кожа. Исто така има и чанти изработени од филц. Овој материјал и чантите изработени од него се навистина тренди насекаде низ светот. А новата летна колекција е составена од чанти изработени од материјал што содржи целулоза, пресувана, на тој начин да изгледа како вештачка кожа. Мошне се издржливи, а сепак многу лесни. Еден од моделите е плетен. Всушност сите чанти се комплетно рачно изработени“, изјави за Fashionel Лидиа Јовановска – основач и раководител на студио L&E во Македонија.

Чантите освен што се практични исто така се и нумерирани, концептуално дизајнирани и изработени во мали серии од по 10 парчиња по модел и боја што ги прави единствени.

Целиот концепт на брендот L&E е осмислен токму околу големината и практичноста. Во една колекција има 2 големи чанти за работа и патување кои се доста практични бидејки имаат доста пропратни делови. Со нив сте спремни за секоја прилика и ситуација. И во двата модела има мали чанти/паричници идеални за гала вечери или за други свечени пригоди. Тие исто така имаат систем за надоврзување со големата чанта и многу други пропратни артиклу кои ќе ви ја организираат чантата како што се мини паричници за железни пари, дел за документи, дел компјутер, приврзок за клучеви кој се закачува и истегнува, изолатор за вода како и многу други практични делови што ќе Ви ја организираат чантата.

Покрај промоцијата на L&E во Скопје, друга значајна цел на студиото е токму во нашата земја повторно да го оживее занаетчискиот дух и рачната изработка со тоа што остава простор во рамките на својот тим да  регрутираат нови членови кои на овој начин би ја канализирале својата креативност и талент кон светскиот пазар.

„Во Македонија има многу жени што плетат, па на овој начин сакаме да оствариме соработка. Ние сме првото атлје што прави рачна изработка на чанти во Македонија и го имаме првиот пријавен чантар овде, Аднан. Тој 30 години работел во Чаршијата и навистина размислува креативно“, додава Лидиа.

Го прашавме Аднан со што овие чанти што тој ги изработува се посебни.

„Квалитетна чанта треба да биде рачно изработена комплетно – искроена, сошиена  и да ги содржи сите детали што ја прават и функционална и убава. А овие чанти што ги гледате се изработени од материјал што ги прави посебни и не секој би се снашол при нивната изработк“, вели тој.

Со достапноста на овој бренд и во Македонија, се отвора можноста заинтересираните и талентирани занаетчии, особено оние кои изработуваат чанти, да искусат што значи да се работи за еден ваков бренд.

„Ова е многу специфична работа, па сите оние што се заинтересирани, талентирани, младите луѓе од модните училишта што сакаат да продолжат да се надоградуваат во овој сегмент, изработка на чанти, можат слободно да нè исконтактираат. Можат да дојдат на стаж, а најталентираните понатаму можат да бидат и вработени“, апелираше Лидиа која живее и работи во Лондон, а во моментов е тука за да го промовира брендот.

Производите можат директно да се купат во Concept 37 во периодот од следните две недели, но исто така се достапни и онлајн.

Ова е прва изложба на студио од ваков вид и како проект претендира да се врати здивот на македонското занаетчиство и да ја ставиме Македонија на мапата на земји со уникатна и квалитетна рачна изработка. Со ова би се отвориле шанси за нови вработувања и би се понудила обука од светски калибар.

 

Објавено:
22 јануари 2015
Категорија: 
Актуел