Лица со инвалидитет на ревиите на њујоршката модна недела

18 февруари 2015

Дизајнерите од италијанската модна платформа FTL Moda оваа недела ги претставија своите нови, одлични колекции на малку поинаков начин од сите останати.

Имено, за презентација на нивните креации тие најмија лица со инвалидитет, поточно со деформитети на ‘рбетниот столб со што уште еднаш докажаа дека се компанија што особено се грижи за општествената одговорност.

Нивната ревија се одржа во Линколн центарот под името FTL Moda Loving You, а во рамки на истата беа прикажани колекции од неколку интернационални дизајнери кои работат под мотото „Made in Italy“.

Дел од ревијата беа модели од Лондонската модна агенција на различности, агенција која се бори за што е можно поголема различност на модните писти од секој поглед, но и сосема обични лица од неколку краеви од светот.

Меѓу нив, на пистата се појави и момче со ампутирана нога кое инаку работи како личен фитнес тренер во Британија и кое постојано се бори за еднаква прифатеност во општеството.

„Ова што се случува тука е нешто неверојатно! Не можам да верувам дека ова навистина се случува и дека ние сме тука на њујоршката модна недела. Сѐ уште не ми се верува дека јас сум првиот машки модел со ампутирана нога што се појавил на една ваква ревија, тоа е нешто огромно, нешто светско“, изјави со воодушевување момчето по завршувањето на ревијата.

Говорејќи за шоуто, продуцентката Илариа Николини изјави дека ова е неверојатно важен и историски момент во светот на модата.

„Ова е многу важен момент и во мојата кариера...добив можност конечно да променам нешто. Веднаш по Њујорк, овие прекрасни модели ќе бидат дел и од миланската модна недела, каде уште еднаш ќе му покажат на светот дека она со што тие живеат е нешто сосема нормално и дека на крајот на денот, тоа е само состојба на умот“, изјави Николини.

Минатата недела, актерката со Даунов синдром Џејми Бруер позната по улогата во American Horor Story, се појави како модел на шоуто на Кери Хамер во рамки на модната недела во Њујорк. Со тоа, уште еднаш се потврди дека организацијата на њујоршката модна недела конечно ја сфатила пораката дека се потребни што е можно повеќе вакви луѓе малку поразлични од останатите модели на пистите.

Објавено:
18 февруари 2015
Категорија: 
Актуел