Like&Dislike: Пролетна мода во Скопје

13 април 2021

Ги искористивме изминативе неколку сончеви дена и „размрданоста“ на народот, за прошетка и да видиме дали првите пролетни денови влијаат и на модната инспирација, освен на расположението. 

Во ова тешко време, секако дека (уличната) модата не е примарна тема, но можеме да ги искористиме примерите за едукација и размена на мислења.

За разлика од претходно, лежерноста во облеката која ја наметна пандемијата е доминантен израз и низ улиците на Скопје.

Но, дури и при удобноста и кежуал изгледот кој е мошне популарен, постои можност од „премногу удобно“ кое преминува во категорија на модно недозволиви работи.

Инспирирани токму од фотографиите што ќе ги видите во продолжение, одвоивме неколку работи што спаѓаат во категоријата „Like“ и „Dislike“.

LIKE:

-Доминација на шарени чорапи: Овој тренд е актуелен веќе сезони наназад на светската модна сцена - онаа на писта, но и онаа на улица. Очигледно дека и нашите граѓани го прифатија, и умешно се снаоѓаат во тоа. Видовме одлични примери кога чорапите со дезен, или боја, ја издигнуваат комбинацијата и ја прават впечатлива. Без нив би била веќе видена или досадна.

-Oversized fashion: Широките парчиња се исто така меѓу омилените. Почнувајќи од широки модели на џинс (со висок или понизок струк), па до широки кошули, дуксери. 

-Платнени чанти и ранци: Сè подоминантно е кревањето на свеста за еко-мода и одржлива мода, па во таа насока, би ја пофалиле и желбата да се носат платнени чанти со интересен принт, како онаа со цртани лица, многу популарен мотив во последно време. 

-Минимална естетика vs принт: Светлите нијанси како бела и беж беа едни од доминантните во некои од минималистичките изгледи, што сосема соодветствува на пролетните трендови. Без разлика што може да се толкува и како „игра на сигурно“, сепак е солиден избор во кој ќе изгледате добро, како на пример белиот дуксер-фустан. Од друга страна, видовме и луѓе кои не стравуваат од принтови и боја. Фустанот со карнери со различен принт и бои е супер пролетен избор, како и поп-арт мантилот. Ведро, впечатливо, смело, поинакво и за поздрав.

DISLIKE:

-Хеланки: Да, веројатно не постои поудобно парче од хеланките, но тие дефинитивно не треба да доминираат низ уличната мода. Иако спортската облека е во подем во оваа пандемиска криза, сепак постојат парчиња кои треба да останат во сала или дома. Така, би требало да заборавиме на хеланките со сјај или оние обичните кои пак, најчесто се комбинираат со кратки јакнички и маици. Можеби истакнувањето на облините изгледа како привлечна естетика преземена од ријалити ѕвезди, но факт е дека ако сакате да ги истакнете, тоа можете  да го направите поинаку, а не со хеланки. Доколку пак, сепак сакате да ги вклучите во секојдневен изглед, тогаш обврзно носете ги со туника, волуменозна кошула и слични парчиња кои ќе го прекријат задникот - без разлика колку добро изгледате. 

-Еклектичен стил: Комбинирањето на различни принтови и бои, кои инаку се сметаат за неспоиви, знае да биде предизвикувачки и интересно. Но, дури и за таков смел моден израз важно е да имате сенс како да ги направите тие различности складни и секако да умеете да го носите. Уште поважно е што не секоја слоевита комбинација со парчиња кои ни изгледаат нам интересно може така да се нарече. Некои едноставно изгледаат како да сме ставиле на нас сè што сме имале на закачалка. А целта е да се изрази индивидуалност и да биде сепак „фешн“. Па така, за почеток, направете комбинација од два принта и боја на пример. Одберете панталони со пруги и кошула на точки, а додадете чанта и чевли во некоја впечатлива нијанса.

-Темни хулахопки: Никогаш не носете темни хулахопки (особено кога се погусто ткаени, односно подебели) на светли чевли, посебно не на рамни обувки. Без разлика што дизајнерите се обидуваат со различни идеи, ова дамнешно „правило“ е едно од оние што засекогаш ќе бидат вистинити.

-Впечатлива чанта: Супер е да имате некој впечатлив моден додаток со кој уште повеќе ќе ја нагласите комбинацијата. Но, доколку останатиот дел од тоа што го носите не е со еднаков или приближен квалитет, или пак доколку стилски не е усогласен, тогаш тренди впечатливата чанта е џабе - таа ќе ве истакне повторно, но не баш на добар начин, ќе го истакне сето она што не е баш добро.

Во продолжение погледнете ги и останатите фотографии:

 

Објавено:
13 април 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
4.639 пати