Линеа, Елези и Тијана Младеновиќ – три дами за втората вечер на FWSK

3 април 2016

Втората вечер на годинешното 13 – то издание на Модниот викенд Скопје продолжи во знак на женските дизајнерки, па веднаш по ревијата на студентите од Европскиот Универзитет, ги видовме новите колекции на Линеа, Елези Париз и Тијана Младеновиќ од Србија.

Сосема во стил на брендот, колекцијата на Линеа со пет различни теми во истата, беше олицетворение на женственоста, исполнета со креации за вистински дами кои сакаат да изгледаат елегантно во секоја пригода.

На пистата можевме да видиме женски костими изработени од убави материјали во комбинација со свилени кошули во нежни, пролетни бои, но и летни фустанчиња со принт како одличен избор за долгото, топло лето.

Дизајнерката комбинирала и тесни класични панталони до глужд со лелеави и лесни маички во убави бои, за сите деловни прилики на елегантните дами.

Најголемо воодушевување кај публиката се чини предизвикаа дводелните комбинации од интересните здолништа во црвена боја со слатки кошулки на куси ракави што дефинитивно беа едни од највпечатливите во колекцијата.

Младата српска дизајнерка Тијана Младеновиќ внесе вистинска свежина во втората вечер на Модниот викенд, прикажувајќи сосема поинаква колекција од сето она што можевме да го видиме.

Инспирирана од јапонската митологија, колекцијата „Shinigami“ на талентираната српска дизајнерка прикажа креации налик кимона во претежно темни бои со умерена доза на бела.

Особено интересни беа обувките со кои дизајнерката ги комбинираше креациите, кои на уникатен начин се надополнуваа меѓусебно.

Парче што остави најголем впечаток беше црниот комбинезон со еден широк ракав кој на колекцијата и даде нослива димензија, но секако сите останати парчиња беа сосема достапни за комбинирање за сите девојки со уникатен и малку поинаков стил.

Во јапонски стил, шминката и фризурата на девојките беше во духот на колекцијата, па така можевме да ги видиме со исцртани веѓи, мали усни и високо врзани пунџи.

Од гостите дизајнери вистинско изненадување беше Флора Елези од Париз, која направи вистинско шоу со манекенките кои на пистата фрлаа букети во публиката.

Нејзината колекција беше ултра пролетна, со претежно светли бои пресликани во фустанчиња и комбинација од здолништа и интересни горни делови украсени со цвеќиња.

Кај неа можевме да видиме интересни моменти со сликани материјали, претежно на бела основа со сина боја, едноставни тесни фустани до колената, здолништа со висок струк и кус топ украсен со наметка, но и волуменозни здолништа со големи карнери.

Објавено:
3 април 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.368 пати