The Look of the Year: Македонките спремни за интернационална кариера

24 јуни 2016

Во просториите на модната агенција Моделс Ин, во средата се одржа големиот кастинг за еден од најпрестижните светски избори „The Look of the year“. Трета година по ред, на кастингот присуствуваа претставници од модната агенција Model Scouting Office од Белград, меѓу кои и букерот Јелена Ѓокиќ со која секогаш ни е задоволство да поразговараме. Сосема очекувано, на кастингот можевме да видиме навистина прекрасни млади девојки кои се нетрпеливи да им започне интернационалната кариера. Како што Јелена ќе каже, изборот беше и повеќе од добар, со оглед на тоа што од вкупно 13, осум девојки влегоа во потесниот избор. Големото финале на „The Look of the year“ се очекува да се случи некаде во октомври, во Таормина, Сицилија, а со Јелена разговаравме за сите детали и за она што е потребно за една девојка да победи на овој престижен избор.

Повторно сте во Скопје, колку сте задоволни од минатогодишниот кастинг и можете ли да направите споредба со оваа?

За почеток, би сакала да нагласам дека ние сме генерално, многу задоволни од соработката со Алек и со модната агенција Моделс Ин, така што секој кастинг досега беше добар, но овој некако беше изненадувачки добар. Поминаа осум девојки од вкупно 13, што е одличен резултат. Имаше многу убави девојки кои се на добар пат да станат супер модели надвор и да се занимаваат со оваа работа успешно.

Што е она посебното што го барате во девојките, нешто различно што ги издвојува од сите останати?

Па тие треба да бидат природни, да бидат свои, да немаат ништо вештачко на себе, да бидат насмеани, да зрачат со некоја своја енергија... Секогаш да дојдат без шминка, да носат облека која ја прати линијата на телото, да го чуваат своето тело, лицето секогаш да биде чисто, да имаат уредни нокти... Со еден збор, да бидат свои и да се негуваат себеси на најдобар можен начин.

Раскажете ни нешто повеќе за изборот оваа година?

Оваа година изборот ќе се одржи на Сицилија, во Таормина, односно во Италија како центар на модата. Се планира да се одржи некаде во октомври, повторно ќе учествуваат девојки од преку 50 земји во светот, ние како и секоја година ќе понесеме по една претставничка од околните земји. Се надеваме повторно на добар успех, можеби токму една од девојките на Алек ќе победи на светското првенство.

Што се случи со минатогодишната победничка на изборот?

Минатогодишната победничка е Маја Даничиќ, девојката од Белград, која во моментов работи со некои од најдобрите агенции во Париз, Лондон, Милано... Се појави на насловната на Грација, работеше многу кампањи за модни брендови како Манго, Зара, Pull & Bear, се сликаше за некои од најдобрите светски магазини, па можеме да кажеме дека таа е една од оние модели кои вистински покажаа што значи тоа да победиш на овој избор.

Каков договор потпишуваат девојките откако ќе победат на изборот?

Она што е специфично за овој избор е тоа што секоја девојка после изборот, со тој договор добива пласман во светските модни центри како Милано, Париз, Њујорк, со што почнува веднаш да ѝ се остварува таа интернационална кариера што само овој избор ја овозможува.

Како помина кастингот во Белград?

Па, подобар е овој овде (се смее). Се шегувам, кастингот помина супер, секоја девојка има сон да биде манекенка, е сега некоја ги исполнува тие критериуми, некоја не. На оние кои не ги исполнуваат критериумите, им се заблагодаруваме што дошле, ако ги исполнуваат, со нив работиме и тоа е тоа. Нашите кастинзи се секогаш добри, одѕивот е секогаш добар, и она што е многу убаво е тоа што секоја малолетна девојка доаѓа во друштво на родителите, тие се сигурни каде нивните деца дошле, со кого ќе работат и сето тоа е супер.

Има ли во Македонија девојки што ги исполнуваат светските критериуми потребни за таа интернационална кариера?

Секако дека има, еве на пример морам да ја споменам Елена Трајановска како девојка која оствари една светска модна кариера, работеше ревии за Келвин Клајн, работеше ексклузивно за Живанши, така што таа е некој кој е од ова поднебје, а го пропатува целиот свет. Ја имаме и Јована Нешова која минатата година беше во Милано, за која се надеваме дека следуваат подобри сезони. Тоа е она што ги советуваме девојките, да бидат трпеливи. Постојат различни пазари на кои тие со својата убавина можат да работат и ние се надеваме дека тие ќе успеат во тоа.

Објавено:
24 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.164 пати