Лудус- дел од модниот проект „Идентитет“ во Љубљана

15 октомври 2014

Месецот на дизајн е настан што се одржува во Љубљана повеќе од 10 години и прави вистински пресек на дизајнот од југоисточна Европа, чии земји се во фокус во рамките на изложбата „Брендови и Знаци“. Лудус како македонска модна етикета веќе втора година учествува на оваа изложба заедно со над 100 дизајнери и брендови од регионот.

Проектот „Идентитет“ се случува по втор пат и обединува дваестина дизајнери кои имаат концептуален пристап кон модата. Како задача дизајнерите имаа единствен моден крој што треба да го интерпретирaат на темата идентитет со сопствен моден јазик. Изложбата се отвори и оваа година со модна инсталација во живо, налик на експериментална модна ревија.

Моделот со кој се претстави Лудус беше своевиден експеримент што не е толку далечен од вообичаената досегашна работа на оваа модна етикета. Изработен во три сосема различни, навидум неспоиви материјали како свила, велур и кожа, фустанот ја разработува темата на личниот и националниот идентитет.

Заедно со моделите на Адам Џонс (Велика Британија), Ана Љубинковиќ (Србија), Аса Казинглеи (Индија), Емре Тамер (Турција-Австрија), Љиљана Мајкиќ (Босна и Херцеговина), Халина Мрозек (Полска), Мариус Јанусаускас (Белгија), Cliché (Словенија), Je suis belle (Унгарија), Divka (Јапонија), Little Shilpa (Индија), Wisharawish (Тајланд), Давид Бакали (Словенија), Chisung IHN (Јапонија), Асад Авад (Шпанија), Мартинез Лиер (Франција) и Тојак Д'Oра (Монако) моделот на Лудус од Македонија останува во изложбената поставка ''Идентитет'' на Месецот на дизајн во Љубљана до 6-ти ноември 2014 година. Инаку, во засебни сегменти од истиот настан покрај етикетата Лудис на Драган Христов се претставија и Никола Петровски, Мелани Димитровска, Александра Шекутковска, Ателје Љутикова, Ирина Тошева и Славица Котевска.

 

Објавено:
15 октомври 2014
Категорија: 
Актуел