Во петокот по четврти пат се одржа кастингот за „Лице на Годината" во организација на модната агенција Моделс ИН од Скопје. Благодарение на одличната соработка со агенцијата од Белград - Моделс Скаутинг Офис (MSO), врвниот тим на букери предводени од Јелена Џокиќ и Катарина Весковиќ ја направија селекцијата на 12-те финалистки за да одберат „Лице на годината за Македонија“.
„Откако разговараа со нашите финалистки, ги разгледаа портфолијата и ги фотографираа девојките, со материјалот се вратија за Белград каде заедно со Јелена Ивановиќ ќе одлучат која од девојките треба да биде „Лице на Годината". Инаку Јелена е првиот човек на МСО и ја поседува лиценцата за овој престижен избор од каде излегуваат идните светски топ модели", вели Алек од Моделс ИН.
На самиот кастинг и како дел од агенцијата Моделс ИН присуствуваа и минатогодишните представнички на Македонија - Јована Нешова и Ивана Караџова, воедно направија и мал кастинг за момците.
Само да потсетиме на истиот овој избор во доцните 80-ти години, нашиот топ модел Надица Георгиева победи на ниво на цела Југославија, за потоа да направи успешна светска кариера.
За кратко време и официјално ќе дознаме кое ќе биде новото лице за Македонија што во Октомври ќе не представува на светскиот избор во Таормина - Сицилија. Официјален фотограф за целиот настан беше Бојан Стоилковски.