Македонија и светот денеска во едночасовен еколошки мрак

28 март 2020

Денеска, Часот на планетата Земја ќе се солидаризира со милионите граѓани ширум светот и низ овие кризни времиња ќе испрати порака за да слушне гласот на индивидуалците!

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени, но и да ги освестиме луѓето за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот!

Во моменти кога целиот свет се обединува во борба против уништувањето, без разлика дали се тоа смртоносни вируси, или пак климатските промени, Часот на планетата Земја ги повикува своите поддржувачи виртуелно да се приклучат кон акцијата оваа година и да ги исклучат светилките во своите домови.

„Сочувствуваме со фамилиите на оние кои ги загубија животите од вирусот Ковид-19 и мислите ни се со илјадниците болни ширум светот. Во овој момент на криза, мора да се обединиме повеќе од било кога за да ја загарантираме нашата иднина и иднината на нашата планета. Сега е време на солидарност и време да одговориме на предизвиците покреативно. Ве повикуваме на обединување во едночасовниот мрак за да испратиме порака за посигурна, почиста и поздрава иднина за нас и идните генерации!“ – вели Марко Ломбертини, извршен директор на Светскиот фонд за природа.

Бидете сигурни да го споделите вашето искуство со нас користејќи го хаштагот #EarthHourMK! Исто така, означете нè @EarthHourMK на Instagram, @EarthHourMK на Facebook и @EarthHourMK на Твитер за да можеме лесно да ги споделиме вашите објави и приказни!

На повикот за солидарност и обединување се одзваа голем број на пејачи и инфлуенсери од македонската естрада, кои го прифатија нашиот еколошки предизвик на заедничка „онлајн“ дружба оваа сабота – да седиме дома и заеднички да ги исклучиме светилките во 20:30 часот.

Ги повикуваме граѓаните и сите наши поддржувачи да ни се приклучат на едноипол часовниот спектакл на нашиот инстаграм профил @earthhourmk, каде што ќе имаме можност заеднички да уживаме во настапите во мрак на нашите „Некст тајм“, ДНК, Антонија Гиговска, Иван Јованов, Огнен Здравковски, Теа Трајковска, а исто така ќе можеме да поразговараме и за климатските промени со Ване Марковски, Ирена Спировска, Татјана Алексиќ и многу други.

„Инстаграм Лајв“ сесијата ќе започне во 20 часот, додека светилките ќе ги исклучиме во 20:30 часот.

Инаку, во минатата деценија, Часот на планетата Земја инспирираше глобално учество во критични иницијативи за природата, климата и животната средина, помагајќи во кревање на свеста за проблемите со кои се соочува нашата планета. Изминатите години, движењето помогна во создавање на 3,5 милиони хектари заштитена морска област во Аргентина, шума од 2.700 хектари во Уганда и помогна да се донесе нова законска регулатива за заштита на морињата и шумите во Русија. Минатата година, WWF-Еквадор се заложи за закон за забрана за употреба на пластични кеси, други пластични еднократни производи и производи од стиропор во главниот град, додека пак WWF-Индонезија иницираше засадување на 20.000 садници од мангрови во 13 градови.

Оваа година, Часот на планетата Земја ќе се одржи на 28 март (сабота), кога во 20:30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 града во преку 180 држави ширум светот, а меѓу нив дел е Македонија.

Започнувајќи како симболичен настан во Сиднеј во далечната 2007 година, Часот на планетата Земја сега се одбележува во повеќе од 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата.

 

Објавено:
28 март 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
562 пати