Македонската етикета „Лудус“ добитник на наградата за најдобро шоу на Љубљанската модна недела

15 октомври 2020

Во саботата, на 10 Октомври се затвори Љубљанската модна недела со доделување на наградите за најдобрите презентации и колекции меѓу кои ја додели наградата „WOW Show" на македонската модна етикета Лудус, за модното видео „Реквием: Пост-родовост III".

Љубљанската модна недела се оддржа од 1 до 10 октомври и овој пат во посебни услови диктирани од пандемијата 10-те дена беа полни со дигитални, ревијални и инсталациски презентации на модните дизајнери од Словенија и регионот.

„Лудус" беше поканет да учествува во делот на модните филмови на дизајнерите кои поради пандемијата беа спречени да бидат присутни на овогодишното издание. Промоцијата се случи на 5 и 6 октомври во МАО - Музејот за архитектура и дизајн на Словенија.

„Лудус" ја претстави последната колекција „Реквием: Пост-родовост III" со видео каталог изработен од видеографот Мирослав Илиќ, со моделите Ивана Манасиевска (Моделс Ин) и Стефан Китановиќ и шминка и фризура на Мартина Ивановска.

Колекцијата е трет дел од низата колекции насловени како „Пост-родовост" и ја застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родовите и родовите улоги, а овој пат е истовремено и обид на авторот Драган Христов за омаж на западната цивилизација и култура и говори за нејзината деклинација во нашите „анти-интелектуални" времиња. Присутни се очигледни визуелни референци од античките и класицистичките историски костими што се адаптирани во современ производ без трендовски ознаки.

Како најнов чекор на етикетата кон одржливост и етичко производство, а истовремено диктирано од најновите производствени динамики во време на пандемијата, „Лудус„ вклучи рачно обоени материјали на целосно природен начин со ботанички состојки како калинка и рогач. На овој начин се достигнува органскиот ефект и неутралната палета на бои кон што „Лудус„ крајно цели .

Колекцијата „Реквием: Пост-родовост III" е составена од 16 родово неутрални комбинации на 23 парчиња облека изработени во неутрална палета на бои што вклучува црна, бела и сива боја, овој пат надополнета со сиви природни тонови, добиени со рачно боење на бели материјали како памук, памучно жерсе, лен и купро.

Фотографии: Лазар Зафировски

Објавено:
15 октомври 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
183 пати