Македонската мода низ призма на три генерации домашни дизајнери

1 октомври 2020

„Како почнала да се развива модата и модната сцена во Македонија“, „Како изгледа денес“, „Какво образование можат да добијат младите што ќе тргнат по патот да станат модни дизајнери“, „Што се' подразбира да се биде моден дизајнер“, се само дел од прашањата кои беа начнати вчера попладне во рамки на настанот насловен „Три генерации македонска мода - пренос на знаење“, одржан на платото на Вила Водно.

На покана на сопругата на претседателот, г-а Елизабета Ѓоргиевска, имавме можност да видиме три генерации македонски модни дизајнери, да посведочиме за нивните искуства, нешто што им беше потребно и од особена важност на оние што допрва треба да го учат и истражуваат ова поле на интерес, средношколците и идните студенти по Моден дизајн во рамки на Технолошко-металуршкиот факултет.

„Соработката со Технолошко-металуршкиот факултет започна со отворањето на канцеларијата на претседателот „МладиХаб“, во која беа изложени креации на млади суденти од овој факултет. Поддршка на младите и на креативна индустрија е од исклучителна важност, а во тој контекст е и денешниот настан „Три генерации мода“, со кој ќе се вратиме и на почетоците, она што се случувало во минатото, моменталната состојба, но и и на тоа кои се перспективите на младите генерации. Преку промоција на македонските дизајнери,  придонесуваме и за заштитата на културното наследство, а несомнено е дека  текстилната индустрија, има важен удел во развојот на економијата во земјава“, истакна првата дама, презентирајќи го домашниот дизајн преку своите појавувања дома и во странство, а исклучок не беше ниту вчерашната комбинација.

Лидија Георгиева, дизајнер и веќе осум години професор на Институтот по Моден дизајн и инженеринг на облека при ТМФ, на присутните им го презентираше накратко своето работно портфолио, посочувајќи им посебно на младите, на можностите кои ги нуди оваа образовна насока. 

Воедно, потенцираше дека она што го познаваме и ни го креира секојдневието, не значи дека е доволно за да си ја креираме иднината.

„Моден дизајн не е она што го гледате на Инстаграм, или што ќе го видите кај различни инфлуенсери. Дизајнот е метода на развивање на креативен процес“, посочи Георгиева, дополнувајќи дека тој процес вклучува многу работа, цртање, создавање, додека да се стаса до моментот некој да може да се нарече моден дизајнер.

Во контекст на тоа, посочи на важноста на значењето на зборот „одговорност“ - одговорност што ја имаат образовните институции, институциите воопшто, одговорност што секој дизајнер треба да ја поседува, а на крајот и одговорност на поединецот, која придонесува за општото добро. 

Одговорност што ја имаме кон природата и кон себе. А во таа насока, неминовна е нужноста за одржливо, еколошко и етичко работење во модната и текстилната индустрија.

А за она каде сме биле, како паралела на она каде сме сега со модната индустрија во контекст на презентацијата на Георгиева, зборуваше костимографката и професорка во пензија, Зорка Тодорова Младеновиќ. Посебен акцент беше ставен на македонската модна сцена од 1980-тите, за чиј подем придонела и самата професорка, како сведок и на нејзиното постепено „распаѓање“ и заземање нов правец од крајот на 1990-тите.

Зорица е една од првите Македонци кои дипломираа на Факултетот за применети уметности во Белград, а патот на образованието ја носи и во големиот моден центар, Париз, каде учи од Ивон Деландре. Но, освен што одблиску имаше можност да ја почувствува и доживее Високата мода, Младеновиќ враќајќи се во Македонија почнува да работи како костимограф (за што и дипломира), но и да биде дел од производството на голем број фабрики во Македонија во тој период како еден од малкуте модни дизајнери.

„Во текот на 1970-тите и 1980-тите години, текстилната индустрија врабоуваше повеќе од 70.000 луѓе, од кои барем 30.000 работеа конфекциско производство. Од 1979 година почнав да работам во СОЗТ Интекс каде формиравме Центар за мода и креација преку кој центар имав можност да правам сезонски колекции во многу од текстилите фабрики. Тие колекции беа разнообразни и подоцна се конфекционираа и се продаваа ширум Југославија и во земјите во кои се извезуваа нашите текстилни производи. Првите самостојни модни ревии ги правев во седумдесеттите години од минатиот век. Во хотелот „Континентал" имав повеќе самостојни модни ревии во кои секогаш имаше стотина модели. Со некои од овие колекции гостував и во Љубљана и во Белград, а бев гостин и во Велес, Охрид и Кавадарци“, раскажа професорката.

А своето професионално и животно искуство го преточи неодамна и во книга „Како да станам моден дизајнер“, која може да се рече дека е и првиот моден учебник на македонски јазик.

„Ова е прва книга од македонски автор од ваков вид литература, односно учебник. Во денешно време младите, а тука се и оние што се определуваат да се занимаваат професионално со модата, знаат јазик, имаат достапност до информации, до интернет, сепак сметав дека оние што сакаат да учат за модата, убаво е да имаат литература и на мајчиниот јазик. Книгата е наменета најпрвин за оние што имаат желба да се определат да учат во средните уметнички и текстилни училишта, но и за нивните родители, за да видат и да разберат што сè треба да се научи за да се стане моден дизајнер. Да сфатат дека тоа е една сериозна, напорна и комплексна наука и дека за неа покрај талентот е потребна и силна волја, упорност за да се успее. Секако е приспособена и за учење во средните училишта, а за студентите е еден вид водич што сè треба да се знае за да се биде моден дизајнер. Младите внимателно да ја прочитаат, да сфатат уште на почетокот дека ќе треба да бидат истрајни, да покажат иновативност и присутност. Ако сакате да бидете дел од овој свет, мора да бидете секогаш добро информиран за тоа што има ново во модната индустрија, што се случува во културата, во уметноста, а треба да се следат и економските и демографските промени и трендови. Но, пред сето ова, да се совлада модниот цртеж и изработувањето кроеви. Токму затоа, книгата е поделена на повеќе поглавја“, објасни Тодорова Младеновиќ.

И на дизајнерката со богат моден багаж со себе, се надоврзаа презентациите на две апсолвентки  при Институтот за дизајн и инженеринг на облека на ТМФ/УКИМ - Љубица Беќарова и Катерина Димитровска, кои допрва треба да го полнат куферот на знаење и искуство.

Од лично искуство, преку презентација на своите интереси преточени во креации и креативна работа, како и идните аспирации и амбиции, беа одличен пример за нивните идни колеги.

Ова едноипол часовно модно патување макар за момент ја стави модата и модното образование во фокус и нагласи дека и покрај непредвидливоста, со која се соочуваат сите на глобално ниво, нашата модна сцена има и ќе има образован кадар кој допрва треба да прави позитивни промени, да покаже одговорност, креативност, визија... Дури и во време кога македонската текстилната индустрија е на поразително ниво, исклучително е важно да не се изгаси искрата, со надеж дека новите генерации ќе успеат да влијаат врз враќањето на достоинството и ќе бидат дел од нов бран на креативци и дизајнери кои ќе ѝ дадат нов живот на македонската модна сцена и индустрија.

 

 

Објавено:
1 октомври 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
742 пати