Македонски дизајнери ќе изложуваат парчиња на Месецот на дизајн во Љубљана

6 октомври 2014

Од денеска (06 Октомври) па сѐ до 06 Ноември во Љубљана ќе се случи традиционалното издание на годинешниот Месец на дизајн, каде многу млади луѓе ќе ја претстават својата креативност на различни начини.

Оваа година, дел од настанот ќе бидат и неколку македонски дизајнери меѓу кои и Ирина Тошева, Никола Петровски, Ludus, Ивана Кнез, Александра Шекутковска од студиото URB CLV, потоа Атеље Љутикова, LUDUS зад кој стои креативниот дизајнер Драган Христов, младата Мелани Димитровска и Славица Котевска – Цаци.

Месецот на дизајн во Љубљана е всушност и еден од најпознатите настани во Словенија со традиција подолга од 10 години.

Секоја година, кон почетокот на Октомври млади луѓе ги прикажуваат своите креации, уметнички дела и сѐ што е поврзано со областа на дизајнот на различни организирани изложби и модни настани, но и работилници и бројни предавања.

Главната цел на овој настан е да се покрене креативноста и конкуренцијата помеѓу младите во бизнисот и општеството воопшто, да се изврши размена на знаењето и искуството помеѓу креативната младина од различни земји, но и да се истражат сите одлични и неограничени можности што ги носи дизајнот.

Години наназад, организацијата на овој настан се стреми истиот да прерасне во кластер и вистински креативен столб и пример за младината во Љубљана, но и во земјите ширум Европа.

Дел од предавањата минатата година... Дел од предавањата минатата година...

Вечерва со почеток во 20 часот и официјално ќе биде означен почетокот на Месецот на дизајн во Љубљана, со доделување на награди во различни области од сферата на дизајнот, меѓу кои и модниот дизајн, архитектурата и ентериерот.

Објавено:
6 октомври 2014
Категорија: 
Актуел