Македонски дизајнери се претставија во Грац

5 јуни 2013

Во рамки на фестивалот за дизајн Assembly Design festival, што секоја година се одржува во Грац, годинава настапија и две млади дизајнерки од Македонија. Мелани Димитровска и Елена Спасовска пред голем број учесници и познавачи на модата од целиот свет ја покажаа својата креативност, талент и амбиција, преточени во интересни креации со футуристичка нишка.

Креаторките објаснуваат дека фестивалот е со традиција од околу 10 години и се надополнува со идентитетот на Грац, кој го нарекуваат и град на дизајнот. За Елена ова беше трето учество, додека пак, Мелани за првпат беше дел од оваа манифестација. Еве ги нивните впечатоци.

Со оглед на бројните учесници, како ѝ се претставивте на тамошната публика?

Мелани: Моето претставување започна со Оpening Fashion Show во тврдината Казамат, каде што се претставија со ревијално шоу повеќе модни дизајнери од различни земји - Македонија, Хрватска, Бугарија, Австрија, Унгарија итн. Останатите три дена фестивалот се одржа во еден од преубавите музеи во градот со огромен изложбен простор, каде што можеше да се види генерално дизајнот од учесници од повеќе области, како дизајнери на облека и накит, индустриски дизајн, ентериерен дизајн, графички дизајн, архитектура, експонати инспирирани од австрискиот костим и модни инсталации од уште повеќе земји. Се претставив и со модно шоу и изложба (продажна). На ревијата сите учесници беа застапени со по седум аутфити. Беше замислена како групна ревија од интернационални дизајнери. И во двата дела се претставив со селективни дизајни од мојата досегашна работа од изминативе 3 години

Мелани Димитровска Мелани Димитровска

Елена: Мојата работа ја презентирав преку колекцијата „ Стариот Свет “ со која се преставив и на последната сезона од Модниот Викенд Скопје. Мојата ревија беше закажана за да го затвори ревијалното шоу во кое учествуваа 12 дизајнери од различни земји. Во националниот музеј каде беа изложени работите на повеќе од 60 дизајнери од 12 земји.Тука имавме можност да се запознаеме со купувачите и медиумите.

Елена Спасовска

Какви реакции добивте по презентирањето на креациите?

Мелани: Реакциите од моето претставување беа максимално пофалбени. Иако ми беше прв пат да се претставувам на фестивалот, бев селектирана во првите четири дизајнери за финалето на „Кастнер &Олер Фешн“ награди (Kastner & Öhler Fashion Awards 2013). Селекцијата за финалето ја направи жири комисија составена од експерти и влијателни ликови во модата од Австрија. За натпреварот кој се одржува по петти пат, наградата е продажба на колекција во просторот на Kastner&Ohler.

Елена: Морам да истакнам дека имав одлична соработка со организаторите и многу позитивни критики од меидумите и клиентите. Најголемото изненадување беше и што организаторите избраа точно мојот модел да го користат на плакатите за промоција на фестивалот , корицата на каталогот , па дури и поканите за шоуто.

Какви се вашите лични впечатоци од учеството?

Мелани: Личните впечатоци од севкупниот настан се прекрасни. Времето не не` послужи сите денови, но тоа не го намали впечатокот. Во текот на фестивалот имаше и посетители и купувачи од речиси сите места во светот.

Елена: Јас сум задоволна од моето учество кое ми овозможи промоција надвор од земјава и остварување на контакти со купувачите што на крај резултира во дури две понуди за продажба на колекцијата во концептуални продавници во Австрија.

Објавено:
5 јуни 2013
Категорија: 
Актуел