Македонскиот модел Ивана Манас во едиторијал за „Vanity Fair“

21 септември 2021

Македонскиот модел Ивана Манас цврсто чекори кон интернационалниот успех. После ревиите на Долче и Габана и Рик Овенс, пристигнуваат нови убави вести за оваа девојка.

Имено, Манас е дел од модниот едиторијал наречен "Reality Show“, кој е објавен во најновиот број на престижниот моден магазин „Vanity Fair“, а зад кој се потпишува познатиот фотограф Алберто Зенети.

На фотографиите ја гледаме во комплетен стајлинг на „Луј Витон“.

„Ивана три месеци беше во Милано каде работеше на многу проекти, за кои допрва ќе слушнеме“, велат од нејзината матична агенција „Моделс Ин Менаџмент“ од Скопје.

Манас во моментов е во Португалија, каде работи на друг ангажман, по што повторно се враќа во Милано, за претстојната Миланска модна недела.

„Манас го живее својот сон, а ние сме тука да ја бодриме и да се радуваме на нејзините фантастични успеси“, нагласуваат од „Моделс Ин“.

 

Објавено:
21 септември 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
541 пати