Македонскиот скулптор Александар Ефтимовски со самостојна изложба во Минхен

13 март 2014

Под името „Бело Злато – Метаморфоза“, македонскиот скулптор Александар Ефтимовски ги претстави своите дела во рамки на неговата самостојна изложба во Гросовер Арт галеријата во Минхен, Германија.

Изложбата беше отворена во текот на вчерашниот ден, а истата ќе трае сѐ до 17 – ти Април, а во рамки на истата ќе бидат изложени вкупно 11 дела изработени од мермер.

Она што е особено интересно и е голема чест за одличниот македонски скулптор, е тоа што во Гросовер галеријата во Минхен свои изложби имале светски уметници како што се Gilbert Decock, William Manning, Lon Pennock, Virgil Facio , Erik van der Grijn и други интернационални уметници.

Делата на авторот се карактеризираат како апстрактни, донесени до крајно едноставна и компактна форма. Сите единаесет дела се од последниот творечки период на Ефтимовски и истите претставуваат форми – преродби.

Имено, Александар Ефтимовски дипломира на Академијата за ликовни уметности во Фиренца за скулптура и визуелна уметност, а магистрира на Aкадемијата за ликовни уметности во Карара и веднаш потоа и се посветува на обработката на камен.

За време на своите студии, тој има учествувано во многу групни изложби и симпозиуми, а неговата прва самостојна изложба наречена „Mo(nu)mental Ideas“ се оддржа во Љубљана, Словенија. Добитник е на повеќе награди и признанија меѓу кои и награда на Биенале во Сан Николо, Италија, наградата за талентиран млад уметник од Министерството за култура на Р.М. како и наградата „Димо Тодоровски“ што ја доделува Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Во продолжение уживајте во ретроспективната галерија од делата на младиот Александар Ефтимовски.

Објавено:
13 март 2014
Категорија: 
Актуел