Македонските дизајнери на Балканските денови на мода во Виена

2 мај 2014

Македонската дизајнерка Ирина Тошева, Марија Спасеска и младиот Златко Јовановски претставија дел од својата работа на вториот ден од првото издание на Balkan emotion fashion days во Виена, настан што наиде на голема заинтересираност кај публиката.

Деновите на Балканската мода се одржаа на 29 – ти и 30 – ти Април во центарот на Виена, во просториите на Paolo’s World Design GMBH и официјално беа отворени од Магистер Јохан Гуденус.

Првата вечер во рамки на Модните денови во Виена имаа  ВИП отворање со ревија на гостинот од Италија Џовани Ло Прести, познат по своите уникатни дизајни со неверојатно луксузни материјали и одличен италијански стил.

Втората вечер беше од натпреварувачки карактер и истата ја отвори македонскиот амбасадор професор доктор Академик Ѓорѓи Филипов, а специјален гостин на вечерта беше и српскиот амбасадор Перо Јанковиќ.

Сите присутни беа одушевени од презентираните модели, а со титулата најдобар дизајнер во рамки на Виенските денови на модата се закити младиот Душко Орашчанин од Босна, кој доби и show room во времетраење од три месеци.

За најдобар модел беше одбрана прекрасната Ана Марија Јуришиќ. Манифестацијата беше во организација на компанијата Paolo’s world design, а истата се одвиваше под мотото „Уметноста ги буди сите сетила“.

Она што е особено интересно е тоа што на Модните денови во Виена покрај колекциите на познатите и помалку познатите дизајнери, ќе бидат претставени и јадења од националните кујни, музика од различни нации, како и танцови точки и пејачи.

Во текот на секоја вечер, во рамки на настанот ќе бидат презентирани интересни работи од различни земји од Балканот преку специјални шоуа и презентации.

Во продолжение погледнете каква беше атмосферата на Модните денови во Виена и како поминаа нашите млади дизајнери.

Објавено:
2 мај 2014
Категорија: 
Актуел