Македонските дизајнери обединети во хуманитарна акција

9 мај 2015

Под мотото Designers for Designer (Од дизајнерите за дизајнер) овој викенд во Lotus Design Store, познатите македонски дизајнери се обединија во хумана мисија.

Секој од модните куќи и дизајнери отстапи своја креација, која ќе се продава по пристапна цена, се' со цел да се соберат средства за помош при лекувањето на нивната колешка Орнела Јордановска, која се бори со рак на лимфните жлезди.

-Морам да кажам дека оваа иницијатива и акција ја покрена дизајнерот Никола Булески- Буле, а околу 20-тина дизајнери и брендови веднаш се приклучија, а бројот и понатаму се зголемува. Моделите што се тука квалитетни дизајнерски парчиња, дел од нив изработени од скапи материјали, па вредноста им е и преку 20.000 денари, но сега се достапни по десеткратно помали цени. Така, граѓаните во исто време ќе можат да си купат македонски дизајн и да и' помогнат на Орнела да излезе како победник од оваа борба. Токму затоа, ги повикуваме сите посетители во Сити Мол, како и сите граѓани кои се во можност, да дојдат специјално и да бидат дел од оваа хуманитарна акција - изјави Анита Гај.

За потсетување, досега во ова акција се вклучија Лидија Георгиева, Тања Кокев, Никола Булевски, Ристо Бимбилоски, Никола Ефтимов, Елена Лука, Мила Кадриу, Христина Деспотовска, Роберт Ивановски , Милена Атанасова, Маја Кикириткова, Ненад Секирарски, Тамара Штерјова, Ивана Цветковска, Гордана Вренцоска и Lotus Lounge Chair.

Во исто време, и Европскиот Универзитет организира своја акција исто така за помош на младата Орнела. Периодот од 7-ми до 9-ти мај наменет за акцијата, сега се продолжува и во текот на следната недела. Во фоајето на  Драмскиот театар во Скопје, Факултетот за Арт и Дизајн при ЕУРМ, ќе биде поставена изложба од студенти и професори. Целта е да се донираат средства за нивната драга колешка, а истите ќе бидат овозможени со откуп на изложените дела. Па тие што ќе гледаат претстава, истовремено ќе имаат можност и да купат уметничко дело или дизајнерско парче, а истовремено и да донираат.

Објавено:
9 мај 2015
Категорија: 
Актуел