Марија Грација Кјури е новиот креативен директор на „Диор“

8 јули 2016

После долгото шпекулирање, утринава стаса потврда – Марија Грација Кјури е новиот креативен директор на „Диор“.

Таа ќе го заземе местото на Раф Симонс, кој го напушти брендот во октомври 2015 година.

Кјури после 17 години работа во „Валентино“, вчера изјави дека е подготвена за нови предизвици, а тие ќе ѝ ги понуди француската модна куќа „Диор“.

Инаку, таа ќе биде првиот женски креативен директор на овој бренд, а со работа ќе започне уште следната недела. Под нејзино водство ќе бидат колекциите од висока мода, ready-to-wear, како и модни додатоци.

-Голема чест е да се биде дел од куќата „Диор“. Со оглед на тоа дека сум првата жена што ќе ја води креативата на модниот бренд, кој ги постави темелите на чистата женственост, чувствувам голема одговорност. Бесконечното богатство на оваа модна куќа ќе продолжи да биде постојан извор на инспирација за мода и едвај чекам да ја изразам мојата визија – вели дизајнерката Кјури.

Своето задоволство го изрази и Сиднеј Толедано, претседател и извршен директор на „Christian Dior Couture“.

-Воодушевен сум што ќе ѝ посакам добредојде на Марија Грација Кјури во нашата куќа. Нејзината визија за жената, сензуална и поетична, соодветствува со она што „монсје“ Диор го работеше. Нејзините вештини во уметноста на котуриерството и страста за рачната работа, ќе бидат во совршена хармонија со исклучителните можности на нашите ателјеа и можности – вели Толедано.

Првото шоу зад кое ќе стои Марија Грација е закажано за 30-ти септември и едвај чекаме да видиме што ново ќе донесе таа во „Диор“.

Објавено:
8 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
174 пати