Марија Грација Кјури го напушта „Валентино“

7 јули 2016

Конечно официјална потврда – Марија Грација Кјури го напушта брендот „Валентино“. Како пренесува WWD, од модната куќа изјавиле дека дизајнерката „се подготвува за нови професионални искуства и предизвици“. Дали тоа ќе биде „Диор“ за што се шпекулира веќе извесно време, сѐ уште нема потврда.

Марија Грација Кјури

По заминувањето на  Марија Грација, Пјерпаоло Пичоли сам ќе го види креативниот дел на брендот, односно ќе биде сам на функцијата креативен директор на „Валентино“.

Последното заедничко шоу на модното дуо беше презентирано вчера во рамки на модната недела за висока мода во Париз.

„Валентино и луѓето со кои работам се голем дел од мојот живот. Мојата одлука да продолжам да ја водам креативата што ми е дадена се води од големата страст кон работата што ја работам и од желбата да продолжам тука да ги изразувам моите стилски визии“, изјави Пичоли.

Марија и Прјерпаоло повеќе од 25 години заедно во модниот свет

Инаку, Кјури заминува после 17 години работа во „Валентино“. Ова беше нејзиното осмо искуство како креативен директор.

„Со Пјерпаоло делевме голем дел од професионалниот живот и тоа беше искуство создадено од многу успешни, заеднички, креативни достигнувања. Но, сега сум подготвена за нов професионален предизвик“.

Кјури и Пичоли првин работеа заедно за „Фенди“ и тоа 10 години. Потоа Гаравани ги одбра нив да го развијат делот на брендот посветен на модните додатоци, што и го направија. Тој успех им ја донесе позицијата креативен директор на модните додатоци, а од 2008 година и на другите линии.

Во денешното соопштение се вели дека двајцата се повеќе од 25 години во креативно партнерство и професионално задоволство и дека по толку време подготвени се да го создадат својот индивидуален креативен пат.

Инаку, за заедничкиот успех говори и фактот дека само минатата година успеале да ја зголемат продажбата за 48 проценти.

„Сѐ што е постигнато во овие години ќе беше невозможно без Марија Кјури и Пјерпаоло, без нивниот таленти и визија. Тие придонесоа „Валентино“ да биде една од најуспешните модни компании. Нова и возбудлива фаза за брендот започнува со креативното водство на Пичоли. Одлучни сме во намерата да го продолжиме развојот и афирмацијата што ја започнавме во последниве години“, велат од модната куќа „Валентино“.

Објавено:
7 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
155 пати