Марина Миќановиќ го остварува својот њујоршки сон

14 јули 2016

Српската дизајнерка Марина Миќановиќ повторно потпиша договор со Њујоршката модна недела и веќе наголемо ја подготвува новата колекција за септемвриската ревија.

Во февруари Марина учествуваше на Модната недела во Њујорк заедно со нејзините двајца колеги Ѕвонко Марковиќ и Бато Спасојевиќ, по што доби покана за повторно учество, што секако е огромен успех за оваа балканска дизајнерка.

Марина Миќановиќ

Во септември таа ќе ја претстави својата колекција за пролет-лето 2017 година во рамките на AMCONYC платформата што е дел од официјалниот календар на настани на Њујоршката модна недела.

-Воодушевена сум од тоа како се одвиваат работите. Не сакав ништо да објавувам во јавноста додека не беше се дефинитивно договорено. Сега веќе се е потврдено, а колекцијата веќе ја финиширам. Мислам дека овој пат имам уште поголема трема бидејќи ќе настапам самостојно, без друштвото на моите колеги од Србија. Инаку ревијата ќе биде на 13-ти септември и искрено се надевам дека датумот нема да биде баксузен туку среќен, бидејќи сметам дека Њујорк е моја отскочна даска и дека таму може да добијам поддршка каква што би требало да добие секој млад дизајнер за да ја насочи неговата кариера во вистински правец. Њујорк е осцтварување на соништата на секој дизајнер, објаснува модната дизајнерка.

Модниот печат што го остави Марина уште со нејзината прва колекција, перманентно е присутен. Нејзините модели се карактеристични по авангардните кроеви, рачната работа, а со геометријата и асиметријата се постигнува уникатност кај нејзините креации. Лелеавите материјали во комбинација со кожените детали, а сите во интензивни бои, прилагодни се на новите современи трендови.

-Оваа колекција е еден вид на моја комуникација со жените кои се отворени да носат нешто поинакво и уникатно. Тоа се дами кои сакаат да експериментираат и не ги прифаќаат вообичаените граници., резимира Марина.

Инспирација за колекцијата се 70-тите години, што е рефлектирано преку слободното движење и симболиката на боите.

Објавено:
14 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
367 пати