„Медена земја“: Позначајно е што сменивме историја, отколку да добиевме „Оскар“

11 февруари 2020

После долгата оскаровска ноќ, екипата на „Медена земја“ се сретна со македонските новинари преку видео повик.

Како велат, поради големиот интерес на медиумите, но и поради фактот дека екипата во комплетен состав долго време нема да може да се собере на едно место, собраа сили да одговорат на прашања што будат љубопитност кај медиумите.

Разговорот започна со сумирањето на впечатоците од 92.издание на „Оскарите“, но пред одговорите на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефановски, продуцентот Атанас Георгиевски и снимателите Самир Љума и Фејми Даут, Атиџе впечатоците ги преточи во песна, а тоа можете да го видите во видеото во продолжение:

 

Тамара: Вчера беше прекрасен настан што вреди да се доживее. Најважното беше што Атиџе беше присутна. Ние со филмот, нашето го направивме, и сметаме дека успехот е постигнат во секој случај. „Оскарите“ имаат и друга политика, но она што ние го направивме со филмот и со двете номинации е нешто што нема скоро да се повтори и треба да се запомни.

Љубо: За мене е најважно што филмот е направен на ентузијастична основа и драго ми е што потфат кој што сме го направиле сами, без скапи продукции, големи пари, скапа опрема, дојдовме до две номинации за „Оскар“.

Самир: Јас уживав на црвениот килим. Кога ќе кажеш дека си работел на „Медена земја“, реакциите на сите оние што ги запознавме и што го гледале филмот е неверојатна. Желбата на луѓето, меѓу кои познати ѕвезди, да се сликаат со Атиџе беше голема. И рекацијата дека таа е таму беше одлична.

Атанас: Мене ми е важно што е ова филм на индивидуалци, а пренесува универзална порака, која се пренесе низ цел свет. Ја сменивме малце историјата и начинот на гласање на Академијата. Документаристиката од сега натаму ќе се гледа малку поинаку. Иако не добивме Оскар, тие две номинации се голем успех, а значат дека филмот ќе има уште повеќе гледаност, што за еден автор е посебно важно – делото да го видат што повеќе луѓе.

На прашањето дали сепак постои доза на разочарување за тоа што статуетката замина во други раце, едногласни се дека нема простор воопшто за такво чувство.

Но, она што посебно им беше важно да го пренесат е впечатокот околу публицитетот со кој се соочувале и тие, но и Атиџе и семејството Сам, изминатава година.

„На првата прес-конференција изјавивме дека огромниот публицитет ѝ штети на документаристиката. И сето ова што се случуваше последните неколку недели откако бевме номинирани за „Оскар“, тој наплив на новинарите да дознаат сè што е можно, до најситни детали, нè прави нас некакви си ѕвезди, а тоа нас ни одмага да можеме понатаму да се бавиме со документаристика. Многу сме го дискутирале меѓу нас, како да излеземе од целата таа ситуација“, вели продуцентот Атанас Георгиевски, а на што се надоврза и режисерот Љубо Стефановски.

„Атиџе и фамилијата на Хусеин се реални ликови кои што на нас ни дозволиле да им ги снимаме животите, се соголиле, да ги снимаме најинтимните моменти – раѓање, смрт, карање, тепање, сè што има и што нема на филмот. Среќни сме што придонесуваме за среќата на целата нација, меѓутоа сакаме да имате предвид дека ова се реални ликови, со реални животи и дека секако дека во една мера овој публицитет им годи, но кога ќе се помине границата и ќе премине во вознемирување, на пример да има Атиџе неколку интервјуа на ден, тоа почнува да им предизвикува проблем, а одговорноста за тоа оди кај нас. Би сакале да имате разбирање за тоа“, потецнира Стефановски.

Со молба до јавноста и медиумите беше и Атиџе: „Сакам да бидам малку на раат со интервјуата, имам уште незавршени работи, а и со пчелите ме чека работа“, беше јасна Атиџе.

Во текот на разговорот, се наметна и прашањето, дали според нив „Американска фабрика“ заслужено го доби „Оскарот“, како и за солидарноста која меѓусебе ја имаа сите номинирани во категоријата „Најдобар документарен филм“.

„Одличен филм е, има значајна приказна, за целиот свет исто така. Но, тоа е исто како пиле да се бори со мечка. Зад тој филм стои „Нетфликс“ и новоотворената продукција на „Обама“, и Академијата колку и да сака да гласа објективно, сепак националниот момент победува. И лотарија е во прашање“, смета продуцентот, на што се надоврза и режисерката Котевска:

„ Сите документаристи кои ние годинава имавме можност да ги запознаеме и со кои ете бевме номинирани, поминале низ такви животни ситуации во тие филмови, што не им дозволуваат да постапат поинаку, освен со солидарност кон колегите кои поминале низ истото. Имаше еден прекрасен момент пред да ја најават нашата категорија на „Оскарите“, бидејќи седевме сите заедно од номинираните документарни филмови. Сите станавме, се прегрнавме и се договоривме (барем тимот на „За Сама“ и „Медена земја“) доколку некој од нас освои „Оскар“, ќе излезат сите номинирани документаристи на сцена. Но, поради организацијата на манифестацијата, тоа не беше возможно. Кога излезе Џулија Рајкерт (режисерката на „Американска фабрика“), ги спомена сите, и нас Македонија, имаше најубава намера која беше искрена и се почувствува. Би било лошо да се навлегува во теории за заговор, бидејќи тие режисери направија многу, бидејќи ова им е четврта номинации, страсни документаристи се и според мене овој „Оскар“ е земен поради сето нивно досегашно дело, повеќе отколку за конкретниот филм“, потенцира таа.

Исто така, на годинашните „Оскари“ многу се полемизираше околу отсуството на жените, особено меѓу номинираните и тоа во категоријата за Најдобар режисер. Но, затоа во категоријата документарен филм, има дури четири жени. Котевска смета дека тоа што повеќето филмови се ко-режирани е многу поголема промена отколку тоа дали се мажи или жени. Според неа, сите жени во оваа категорија за документарен филм се херои.

„Од мајка со две деца која снимала во војна, Јулија која е болна од рак и го снима филмот, до жена која се бори против режимот во Бразил. Тоа се неверојатни личности, но пред сè неверојатни документаристи и затоа не сакам да го препишам на тоа дали се жени или не, тоа се храбри луѓе кои преземале ризици, а сепак во себе содржат солидарност за останатите филмаџии“.

Последнава година беше возбудлива, но и напорна, па прашавме и дали имало момент кога почувствувале дека тоа темпо им е премногу и посакале да се вратат дома.

„ Моментот кога рековме доста беше уште после „Санденс“, но оттогаш помина година дена и не застанавме и не знаеме можеби тоа патување ќе продолжи и понатаму. Далеку е враќањето“, вели Тамара.

Снимателот Фејми Даут вели дека тој едвај чека да се врати дома.

„Децата не сум ги видел долго време и ми недостасуваат. Ме чекаат други обврски. Сè е ова убаво, патувања, успех, но јас имам два оскара дома и тие ми се  најважни“.

А и Атиџе утре се враќа во Македонија.

„Утре се враќам дома и сакам пчелите да ги видам. Жал ми е за пчелите, спијат дома, а без мене не бива, ме чекаат да ги ѕирнам“.

Преку филмот пренесоа универзална порака и ни одржаа лекција за тоа како треба да се однесуваме со природата. Но, кога се работи за тоа што тие научија од сето ова, животно патување пред сè, ќе речат:

„Научив дека не треба да се откажуваме. Низ животот неколку пати сум сакал да се откажам од правење филмови, но ова беше пресвртот и пресудно што ми укажа, ми помогна да сфатам, дека не треба да престанеме, да се откажуваме од нашите идеи и мотиви“, вели Атанас.

„Мислам дека најдобро ќе срочиме што сме научиле, откако ќе се вратиме. Сè уште ни е е сè ново, но секако е поврзано со трпение и со некоја упорност, да се истурка до крај што и да носи тој пат“, смета Тамара.

„Ова искуство е составено од три дела: Снимањето – прекрасно, од тоа искуство учев, но повќе го уживав. Монтажа – беше потешко искуство, но таму го оформивме филмот. А последнава година ми потврди дека оваа година околу светот, дека тој труд вредел и таа идеја од која сме почнале била препознаена насекаде и соодветно вреднувана“ вели Стефановски.

На крајот потенцираа дека иако„Оскарот“ е престижна манифестација и награда, сепак не е единственото мерило за нечиј успех.

„Оскарот е формалност, патот што се оди до таму и луѓето што го видеа овој филм се вистинската слика за тоа што успеал филмот. А „Оскарот“ е пред сè шоу за американската публика и би требало контекстот на медиумите во врска со тоа да се смени. Не се работи за нас, дали сме победници или не, туку се работи за одговорност пред македонската јавност и мотивација, која треба да се задржи кај луѓето, посебно во земјава, каде сите лесно се демотивираат за сè. Мислам дека токму сега тоа е потребно – да остане радост и надеж дека секој може да направи нешто повеќе“, порачува Котевска.

На што се надоврза и Атанас:

„Позначајно е што сменивме историја, отколку да добиевме оскар. Две номинации се подобри од еден „Оскар“.

Екипата се надева дека нема да поминат уште 25 години за повторно некој да се најде на оваа престижна манифестација и дека сето ова ќе биде мотив и поттик за сите да бидат упорни во своите идеи и работа.

Довербата за организацијата на прес-конференцијата и генерално односите со медиумите изминатиов период беше на „Арс ламина“ .

Објавено:
11 февруари 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
755 пати