Меди Зиглер: Не сакам да ме паметат по реални шоу-а

22 март 2016

Малата танчерка Меди Зиглер, која многумина ја препознаваат по спотовите на Сиа, ја краси насловната страна на најновото издание на „Hunger magazine“, покажувајќи дека веќе и не е толку мала и дека прераснува во вистинска убавица.

Во интервјуто за магазинот таа зборува за одлуката да се повлече од реалното шоу „Dance Moms“, по кое се прослави и благодарение на кое и Сиа ја повика да биде дел од нејзините музички видео приказни.

Така е и за најновата песна – Chip Thrills, која доби уште едно видео, токму со Меди во него, со препознатливиот изглед – боди и перика во две бои.

Инаку, и овој нов хит на пејачката првин бил наменет за Ријана, но ете на крајот песната ја слушаме во изведба на Сиа. Впрочем, и поголемиот дел од песните што се наоѓаат на најновиот албум на пејачката насловен како „This is Acting is“ се напишани за други изведувачи меѓу кои и Адел и Бијонсе.

Што се однесува до Меди, во интервјуто вели дека ќе биде судија во ново танцувачко шоу насловено како So You Think You Can Dance: The Next Generation, како и за тоа дека годинава треба да се појави и во филм, The Book of Henry, со Наоми Вотс и Џејкоб Тремлеј, што ќе биде нејзино прво такво искуство.

Меди ја очекува улога и во првиот филм на Сиа, насловен „Sister“, кој треба да се појави до крајот на годинава.

Покрај насловната страна на 10-тото издание на „Hunger magazine“, Меди се појавува и во едиторијал направен специјално за оваа пригода.

-Не сакам секогаш да ме гледаат и доживуваат како лице од телевизија и реални шоу-а. Сакам луѓето да видат дека можам многу повеќе од тоа, па токму затоа и се насочувам кон актерството – вели Меди, која не крие дека и покрај успешната кариера како танчерка, сепак сака да стане актерка. 

Сепак, не крие дека учеството во такви шоу-а многу придонело за нејзината самодоврба.

-Да, навистина ми помогна, иако не се гледам на телевизија, се чувствувам многу чудно кога го прават тоа. Но, ми помогна во однос на тоа да знам кој агол да го фатам, како да изгледам подобро и слично – вели 13-годишната Меди.

Инаку, „Тајм“ ја прогласи Меди за највлијателен тинејџер за годинава.

-Тоа што младите се угледуваат на мене, многу ме инспирира. Никогаш не помислив дека јас ќе бидам некому инспирација, особено на 13 години! Има многу тинејџери што навистина го менуваат општеството, светот и влијаат меѓу младата популација, па мислам дека возрасните треба да нè сфаќаат посериозно – порачува танчерката.

Со оглед на тоа дека постојано ја гледаат на телевизија, луѓето често забораваат дека Меди има само 13 години. На прашањето дали се чувствува како тинејџер или чувствува дека расте многу брзо, ќе каже:

-Минатиот септември наполнив 13 години и ги очекував речиси истиите работи како и секогаш, со таа разлика дека сега ме нарекуваат тинејџер, наместо дете. Забавно е да се биде на овие години и да се расте. Собирам искуство од различни улоги, затоа што можам да се справам со повеќе работи. Да бидам искрена, се чувствувам многу зрела. Така беше отсекогаш – признава Меди.

Објавено:
22 март 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
782 пати