После година дена пауза, сите со нетрпение очекуваа да видат како ќе изгледа годинашната Мет Гала. Вчера се одржа модното шоу, додека пак, на 18 септември ќе биде отворена изложбата на тема „In America: A Lexicon of Fashion".

Домаќинката Ана Винтур се појави во цветна креација (очекувано) од „Оскар де ла Рента“.

Со оглед на тоа дека во фокус е ставена американската мода, изложбата ќе вклучува дела на значајни американски дизајнери. Во првиот дел како пренесува „Вог" ќе се видат околу 100 креации од повеќе од 80 модни куќи, меѓу кои и на Ралф Лорен, Дона Каран, Калвин Клајн, Марк Џејкобс.

Вториот дел од изложбата кој ќе го носи називот „In America: An Anthology of Fashion" ќе биде отворен во традиционалниот термин, првиот поделелник во мај во 2022 (5 мај) и тогаш ќе бидат прикажани и дизајните на дизајерите кои ја одбележале американската модна историја, а меѓу нив и Оскар де ла Рента, Дајан фон Фурстенберг, Каролина Ерера.

И имајќи го ова предвид, очекувавме да видиме дека познатите ѕвезди ќе носат креации исклучиво на американски дизајнери. Сепак, на црвениот килим познатите личности продефилираа во креации од брендови со различно потекло, но кои секако работат во Америка.

Кои беа меѓу највпечатливите?

Кога одите на Мет Гала се очекува да донесете и доза драматичност. Иман ја донесе во голема мера, носејќи креација од Харис Рид. Посебно внимание привлекува модниот додаток за глава, кој е во склад со останатиот дел од креацијата.

 

Били Ајлиш се најде на оваа листа повеќе поради изборот на креација, отколку поради изработкаата на истата. Фустанот е со потпис на модната куќа „Оскар де ла Рента“, во пастелна праска нијанса, нешто што веројатно малкумина очекуваа дека оваа пејачка ќе облече. Овој принцез-фустан го следеше кратката боб фризура во стилот на Мерилин Монро.

 

Ријана носеше впечатлива креација на Баленсијага и уште еднаш покажа дека е една од кралиците на Мет Галата, бидејќи секогаш успева да се најде на листата највпечатливи.

 

Она што го најави, Ким Кардашијан и го исполни. Уште една креација на Баленсијага, каква ретко кој може да износи. Кардашијан повторно целосно се покри, вклучувајќи го и лицето, а креацијата е една од последните презентирани проекти на куќата.

 

Ако на Ем-Ти-Ви наградите сите зборуваа за неа за лошиот избор на креација, овој пат е сосема на другата страна на листата. Меган Фокс изгледа фантастично во овој фустан на „Дандас“, а фризурата и шминката одлично ја следат креацијата.

 

Уште една дама во црвено - Карли Клос се појави во креација на Каролина Ерера, изработена специјално за неа по овој повод, која моделот умее совршео да ја носи.

 

Ем-Џи Родригез носеше фантастична креација на Том Браун. Бела кошула со волуменозни ракави, корсет на шнирање и здолниште во плисе и мошне интересна структура беа полн погодок за ваков тип настан.

 

Кендал Џенер го „украде“ вниманието благодарение на оваа „гола креација“ од модната куќа „Живанши“. Искрено, ни се допадна промената да ја гледаме во нежни изданија и насмеана.

 

Ова е прва Мет Гала за Каја Гербер, на која таа се потруди да остави впечаток, а тоа ѝ успеа во креација на Оскар де ла Рента и фризура во стилот на стариот Холивуд и Мерилин Монро. Изгледа навистина отмено.

 

Лупита Нјонго речиси и да нема модно промашување, а овој пат тоа ѝ го потврди. Во креација на Версаче од џинс со рачно везена монистра, во комбинација со светкав материјал, таа дефинитивно беше една од оние што имаа најдобри креации.

Но, кои ѕвезди се најдоа од другата страна на листата, меѓу најлошо облечените?

Комбинезонот од тантела со наметка од реси како јамболија, беше избор кој дефинитивно не ѝ требаше на Селена Вилијамс. Комбинацијата е од модната куќа „Гучи“, но ова на телото на тенисерката никако не изгледа добро.

 

Сме навикнале Вупи Голдберг да биде интересна и впечатлива, но оваа креација на „Валентино“ можеби е и премногу колоритна за неа.

 

Ким Петрас можеби сакаше да прикаже некоја еколошка порака со својот стајлинг, со вметнување на американска традиција, но дури и да е така, не беше среќно пренесена порака. Фустанот со глава на бик и здолниште со принт од месо, зеленчук и што ли уште не, не изгледаше баш интересно.

 

Џенифер Лопез ретко кога прави модно промашување, но овој нејзин изглед навистина не ни се допаѓа. Креацијата е на „Ралф Лорен“ и можеби е меѓу оние ретките што успеаја да ја испочитуваат темата, но оваа комбинација на ранч-глам некако изгледа премногу нападна и Лопез во неа не изгледа баш најдобро. Дополнително, впечатокот го расипува и јакната од крзно.

 

Генерално, не беше баш најсреќно издание на Мет Гала, со многу промашувања на темата, исклучително малку врвни креации на Висока мода. Мет гала годинава изгледаше како некој просечен црвен килим, со неколку исклучоци.

Во галеријата погоре ги имате сите креации од вчерашната Гала.

Кој вам ви остави најголем впечаток?

Објавено:
14 септември 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
9.807 пати