Дојде долгоочекуваниот прв понеделник во мај, резервиран за најголемото модно шоу - Мет гала. Познатите светски ѕвезди се подготвуваат за вечер. Темата на модната изложба во Институтот за костуми при музејот Метрополитен во Њујорк и на галата ќе биде – Camp: Notes of Fashion (Камп: Белешки за модата).
Камп во овој контекст всушност е „камп концепт". Терминот го воведува авторката Сузан Сонтаг во еден свој есеј во 1964 година и значи љубов кон театралност, нешто што е неприродно и преувеличано. Во модна смисла претставува намерно претерување и драматичност во стилот, обично со хумористичен ефект.
Според Ендрју Болтон, главниот куратор на Институтот за костуми, темата значи љубов кон артифициелност, ироничност, гротеска, пародија, екстравагантност, мешавина на уметности.
Домаќини ќе бидат Лејди Гага, Серена Вилијамс, Хари Стајлс, Алесандро Микеле и секако Ана Винтур.
Уредничката на американскиот „Вог“ и еден од организаторите на овој гламурозен настан неодамна изјави дека добила необични барања за превозни средства до и на Мет галата кои вели ги одобрила.
Но, што не одобрила?
Постојат строги правила за овој настан на кој буквално сите мора да се придржуваат:
НЕ за помлади од 18 години
Минатата година беше откриено дека е поставена и возрасна граница за учество во настанот. Така, на познатата Меди Зиглер ѝ беше забрането да дојде, бидејќи има 16 години. Многумина мислеа дека тоа е поради минатогодишната тема, која вклучува и религија, но сепак, вистината е дека е правило. Организаторите потенцираат дека настанот не е прикладен за лица помлади од 18 години. Исто така, гостите не смеат да ги носат ни своите деца.
Забрането пушење
Во 2017 година во медиумите се појавија фотографии од Бела Хадид, Дакота Џонсон и дизајнерот Марк Џејкобс како пушат цигари во тоалетот на Метрополитен музејот, а за време на Мет галата. Всушност, таму и само можат да запалат цигара. Истата година е објавено дека членовите на одборот, како и донаторите на манифестацијата негодуваат поради пушачките навики на гостите и дека нивното постојано излегување на пауза е “непочитување на уметничката збирка“. Но, и гостите негодуваа поради ваквите одлуки. Сега пак, организаторите се повикуваат на одлуката од 2003 година на њујоршкиот градоначалник, за забрана за пушење во затворени простории како деловни објекти,барови и театри, па во склад со тоа, забрането е и пушењето во музејот.
Лук и кромид никако
После црвениот килим, ѕвездите и останатите гости на Мет галата уживаат во коктел и свечена вечера. „Њујорк Тајм Пост“ пренесе информација дека Ана Винтур побарала никако да не се вклучува магдонос, лук и кромид во јадењата. Поранешен вработен во „Вог“ изјави дека магдоносот е строго забранет за да се избегне ризикот овој зачин да се заглави во забите на гостите и да се создаде непријатна ситуација. Кромидот и лукот не се послужуваат поради лошиот здив, а јадењата како брускети, воопшто не се ни на менито, за да се избегнат дамки на луксузните креации. За потсетување, во 2016 година, манекенката Карли Клос беше приморана да ја соблече креацијата за црвен килим и да ја облече таа за забавата потоа, бидејќи успеала да ја извалка со црно вино.
Сопружниците не смеат заедно да седат
Кога е распоредот за седење во прашање и тука Ана Винтур го има последниот збор. Во документарниот филм „The First Monday in May“ од 2016 година, детално се опишуваат сите детали околу организацијата. Големо внимание се посветува и на тоа кој каде и до кого седи.
„Целата поента на Мет галата е запознавање нови луѓе и покажување интерес за она што другите ги работат. Затоа и сопружниците не смеат да седат еден до друг. Која е поентата да доаѓаш на случување на кое ќе комуницираш исклучиво со својата сопруга или сопруг“, вели Силвана Вард Дурет од „Вог“.
Забрането селфи
За да не бидат постојано на телефон и да се фотографираат, на ѕвездите им е забрането да прават и да објавуваат селфи фотографии од настанот. Сепак и покрај многу јасната и строга забрана, секогаш успева да се протне некое, како на пример она на Кајли Џенер од тоалетот.
View this post on Instagram