Мини документарен филм и колекција инспирирана од јуручката носија за 10 годишнината од кариерата на Ирина Тошева

23 јуни 2022

Овој вторник дизајнерката Ирина Тошева ја одбележа 10 годишнината од својата кариера, на настан одржан на платото на Вила Водно, каде се прикажа документарниот филм „Латици" и новата колекција „OYA" кој ја чествува шареноликоста на етничките заедници и културната одржливост во земјата.

Преку темелно истражување и документирање на заедницата на Јуруците од Радовишкиот регион одблизу, Тошева изработи модни изгледи, инспирирани од женските носии, во соработка со графичкото студио за текстилни дезени San Smith од Барселона. Моделите се надополнети со еко-мониста од пластични шишиња, изработени од Елена Арсовска.

Заедницата на Јуруците во Македонија постои од 14 век и останува верна на своите специфични обичаи. Дизајнерката престојуваше некое време таму и директно учествуваше во нивните обичаи и начин на живот, со поддршка на КХО на Турците од источна Македонија. Таа во дијалог со локалното население и експерти, почитувајќи ја традицијата, ги преведе елементите од облеките во современ моден контекст.
Документарното видео „Латици" ги прикажува разговорите на неколку различни генерации од село Аликоч и проф д-р Владимир Јаневски фолклорист, околу нивната карактеристична и шаренолика облека.

Директор на фотографија е Марјан Петковски, монтажер е Драган Спасов, музиката е на Оливер Јосифовски, графичкото уредување е на Гога Стојковска.

„За изработката на колекцијата беа користени еколошки материјали со сертификати за составот и етичкото производство, како и дигитално печатење кое не троши вода, направено со еколошки текстилни бои. Беа користени рачни техники на доработка и плетење со памучни конци, инспирирано од техниките кои се користени во носиите на Јуруците од Радовишко. Затоа и колекцијата го носи името „Oya" што претставува техника на рачна изработка со мониста и конци, која е во исчезнување", вели дизајнерката Ирина Тошева.

За презентација на колекцијата беше изработен и моден едиторијал во соработка со модниот фотограф Антонио Станков и модно видео со музика од Фолтин. Заштитни лица на кампањата се Кристина Рачиќевиќ, Кристина Филиповска, Кони Маркова и Бојан Петровски. Шминката и фризурата се на Ива Петровска и Ирена Сенокозлиоска, директор на фотографија е Марјан Петковски.

Промоцијата се одржа на првиот ден од летото, поврзувајќи ги сите соработници и поддржувачи на едно место, на платото на Кабинетот на претседателот, под покровителство на г-ѓа Елизабета Ѓорѓиевска, со поддршка на Турски културен центар Јунус Емре- Скопје. Кабинетот на Претседателот, во рамки на своите заложби за поддршка на работата на младите креативци и претприемачи, го отстапи просторот за одржување на овој настан.

Г-а Ѓоргиевска истакна дека преку поддршка на вакви активности се придонесува за поголема видливост и поддршка за иновативни пристапи во дизајнот, модата и претприемништво кај нас, особено на младинското и женското претприемништво, како и нашето културно богатство, културната одржливост и екологијата.

„Турски Културен центар „Јунус Емре" – Скопје го препозна искрениот импулс на Тошева да ги идентификува и чествува изворните и оригинални елементи на јуручката култура и со задоволство ја поддржи нејзината работа во овој контекст. Вечерва сме сведоци на организација која ја докажува универзалноста на уметноста"- изјави г-дин Серхат Кула, директор на Турски културен центар „Јунус Емре" Скопје.

„Богатството на нашата земја е што изобилува со разнолики културни традиции. Дијалогот и соработката меѓу нив ни даваат голема вредност. Наша обврска е да ја одржиме врската со културните традиции, работејќи на иднината со одржлив развој"- појасни Ирина Тошева.

Јавноста ќе може одблизу да ги види моделите и документарното видео во Europe House Skopje на 27.06, со почеток од 19.30 часот. Проектот е поддржан од ЕУ СО ТЕБЕ Rapid Grants програмата и дел од проектите од Национален интерес во културата за 2022 година, од Министерство за култура.

Објавено:
23 јуни 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
398 пати