Повторување, чекор, танц, отчукување на срцето, сечење со ножички, звукот на воз, спирални скалила... се само дел од нештата што ги инспирираа студентите по дизајн од Технолошко-металуршкиот факултет да творат на тема ритам.

Инаку, ТМФ остана доследен на традицијата и теоретски и практично да ги едуцира студентите по дизајн и инженеринг на облека, па така вчеравечер видовме уште една годишна ревија.

Присутните имаа можност да посведочат за креативноста и способностите на новата генерација.

Всушност, за разлика од некои претходни години, каде можеа да се видат најчесто сработените дела на апсолвентите, како дел од завршениот испит, овој пат им се даде простор и на студентите од втора и трета година.

-Заедно со студентите направивме „brainstorming“ за да ја поттикнеме креативната мисла. Темата на овогодинешната ревија беше ритам, а за секого асоцијацијата беше различна и оригинална. За првпат се претставуваат сите три генерации според новата програма. За поканата е користена фотографија од 3Д отпечаток на студентка од трета година – ни изјави професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева.

поканата за „Ритам“

И да, некои ритамот го претставија преку игра на бои, некои пак преку текстури, принтови, 3Д отпечатоци, детали, секој по својот сензибилитет и визија.

Со оглед дека сѐ им е подредено на студентите, нивната умешност и креативност, тимот на катедрата успеа уште повеќе да ги мотивира своите студенти.

На вчерашниот настан беше презентирана и видео порака од Нејзината Екселенција Амбасадорката на Република Франција, Лоренс Оер, која ги соопшти убавите вести:

-Ова е важен настан за студентите. За жал, поради итни обврски не можев да присуствувам вечерва, но сакам да го изразам задоволството и радоста за соработката помеѓу Францускиот Институт и Институтот за Дизајни Инженеринг на текстил при ТМФ, во рамки на програмата „Таленти на иднината“ – посочи таа.

Ова значи дека студенти од ТМФ ќе имаат можност да стекнуваат пракса во Франција, што ќе придонесе за уште поголема амбициозност и мотивираност кај студентите, како и креативен развој.

Се надеваме можноста да стекнуваат искуство во оваа модна метропола, лулка на Високата мода, ќе ја искористат на најдобар можен начин, а со тоа ќе ја збогатат и домашната модна сцена.

Во галеријата погоре можете да ги видите и сработените креации на студентите.

Објавено:
15 јуни 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.446 пати