Моден Викенд Скопје стартуваше со забава под маски

2 април 2014

На првоаприлскиот маскенбал можевме да видиме дел од дизајнерите што ќе ги претстават своите колекции на овогодинешното издание на Модниот викенд, но и голем број вљубеници во модата со навистина оригинални маски.

Меѓу маскираните беше и главниот организатор на Модниот викенд Скопје, Света Богова Јовановска која не го криеше задоволството од присуството на расположените луѓе на забавата.

„Оваа година очекуваме многу добра програма на Модниот викенд, очекуваме изненадување од многу колекции за кои верувам дека ќе бидат одличен избор за она што ќе го носиме сезонава. Што се однесува до маскенбалот, морам да потенцирам дека ние сакаме ваквите убави работи да преминат во традиција, па ќе се обидеме тоа и да го оствариме од сезона во сезона“, вели Богова Јовановска.

На забавата по повод официјалниот старт на модните денови во Скопје, присуствуваа и некои од дизајнерите за кои бевме сигурни дека ќе имаат креативни и уникатни маски и не нѐ разочараа.

Меѓу нив беше и младиот Роберт Ивановски кој имаше одлична маска што не врати назад низ времето. Со него поразговаравме за тоа кои се очекувањата од овогодинешниот Моден викенд и од неговата нова колекција што тој треба да ја претстави во недела.

Роберт Ивановски (лево) Роберт Ивановски (лево)

„Научив да не планирам многу, не очекувам ништо, фокусиран сум на работата, сакам да помине тој дел, па после што биде нека биде. Сѐ уште работам на колекцијата и најверојатно ќе работам до последниот ден, не знам што да очекувам, јас сум задоволен и тоа е најважно во моментов, а мислам дека и посетителите ќе бидат задоволни. Ќе имаат можност да видат нешто поинакво од мене. Колекцијата е комплетно во бела боја, нешто што е несвојствено за мене, но сепак, со низа детали кои се карактеристичен и автентичен знак на моето творештво“, вели Роберт за Fashionel.

Меѓу присутните дизајнери на забавата беше и Александра Митковска која  ни откри дека новата колекција што ќе ја претстави на овогодинешниот Моден викенд ќе биде продолжение на претходната, а презентацијата ќе биде во една нестандардна видео форма.

Дека оваа сезона на Модниот викенд ќе биде забавна и ќе има навистина што да се види ни потврдија и организаторите, а она што засега ни останува е да уживаме во маските од вчеравечер и да се подготвиме за вечерашната ревија на креативните Hard to explain.

Објавено:
2 април 2014
Категорија: 
Актуел