Модна агенција избира модели според карактерот, а не изгледот!

15 март 2014

Луси Грин и Пандора Ленард ги менуваат правилата во модата! Двете млади девојки од Лондон, отворија модна „анти – агенција“ каде членовите ги бираат според нивниот карактер, а не според изгледот, односно пропорциите.

Шармантните основачки на модната агенција истакнуваат дека не бараат стереотипни модели, туку момци и девојки со добар стил, харизма и интересни хобија, со еден збор – целосен пакет!

Девојките наместо на кастинзи, своите модели ги бираат преку Фејсбук, на изложби во уметнички галерии, односно на места каде што знаат дека ќе најдат интересни луѓе.

Зборувајќи за нивниот процес на селекција, тие велат:

„Нашите модели можеби изгледаат убаво, но ние ги избираме според она што го имаат во главата, така што воопшто не судиме за нивните пропорции, висина и тежина. Во нашата агенција има момци и девојки кои носат облека од 34 до 40 од сите националности“, велат девојките.

Како што тие посочуваат, нивната модна агенција е за луѓе што можеле да станат модели, но решиле да не го направат тоа, за луѓе кои се премногу „кул“ да бидат модели и луѓе кои живеат реален живот и се заљубени во музиката, уметноста, модата и креативните работи.

„Ние сме секогаш тука за да ги вклучиме нашите креативни модели во различни кампањи и реклами, бидејќи ние силно веруваме во нив и сакаме да ја поддржиме нивната кариера“, велат двете сопственички.

Меѓу клиентите на овие креативни девојки се и компании како Dr.Martens, Urban Outfitters и Асос, со оглед на тоа што тие никогаш не побарале моделите да го променат својот изглед за нивните кампањи.

Покрај во кампањи, нивните модели се и дел од многу ревии на светските дизајнери, како Вивиен Вествуд и Жил каде тие настапија заедно со Кара Делевињ за која ќе кажат дека многу ја почитуваат.

„Кара ја промени модната индустрија, клиентите сакаат модели со вистински карактери. Моделите како Кара и Клои Норгард се обожувани токму поради нивниот интересен карактер и поради тоа што знаат дека тие во моментов создаваат еден бренд“, раскажуваат девојките.

Во моментот агенцијата брои 100 модели, а девојките имаат големи планови за во иднина.

„Работите се движат одлично. За само неколку месеци станавме многу барани, па нашите следни планови се да се прошириме глобално и да отвориме агенции во Њујорк и Лос Анџелес“, откриваат неверојатно креативните девојки.

Објавено:
15 март 2014
Категорија: 
Актуел