Модни вести од Бали: Дизајнерот Ненад Секирарски покрена нов коцепт на одржлива облека

9 јули 2021

Македонската публика го запозна Ненад Секирарски како дизајнер на свечени креации. Низ својата кариера се инспирираше од различни нешта, беше дел и од брендот „KTZ“, но овој пат на публиката ѝ се претставува со сосема нова модна приказна од Бали, каде што веќе неколку години живее.

Во новите приказни го придружува и неговата долгогодишна соработничка, Весна.

„SOOWA ZERO“ е називот на новиот концепт под кој ги создава и новите крации, кои во фокус го ставаат природниот материјал и одржливоста.

Токму тоа беше причината за нашиот разговор, а за тоа од каде ваква промена и која е суштината вели:

„Секоја приказна се движи по некој нов пат и во тоа е и возбудливоста. Секако оваа нова прикана дизајнерски, но пред сè како концепт требаше долго време да одлежи и да се искристализира во својата вистинска форма. На кусо, јас го преживеав вирусот со многу комплицирани искуства, бев 10 дена на кислородна подршка, со можност да лежам само на грб, рацете поврзани на терапија. И токму таа неможност на телото на умот кој е решен да ги надживее нештата, а е научен да создава, ги бара вистинските одговори. Во такви реални, но несвојствени моменти облеката веќе не е доволна само да се облече, а модата не е доволна да го задоволи само визуелното. Токму во такви моменти се искристализира идејата и целиот концепт во која насока треба SOOWA ZERO да се оформи. Облека за која не е битна формата на телото бидејќи е создадена скоро за секоја величина, облека за која не е од суштинско значење формата бидејќи материјалот го следи телото и го милува, облека која во суштина е создадена да трае, со време да се менува но и кога кје дојде времето да се разгради целосно не наметнувајќи и ништо на природата. Концептот на SOOWA ZERO е да ги следи нормите на био разградливи предмети по концептот на Zero Waste и во склад со тоа сè е создадено од природни материјали, неутрализирани од индустријските процеси и со посебни процеси развиени од микро-капсулите со делотворните состојки од растенијата се вметнати во облеката за да делуваат на телото додека ги носиме“.

За жал, Бали е погоден со пандемијата како и целиот свет. Тоа што можеби го прави полошо тука е токму спреченоста на туристите да го посетуваат што влијае многу лошо на економијата. Ова допринесе Бали за првпат во историјата да се соочува со глад бидејки голем дел од полињата кои предходно ги прехранувале сега се претворени во хотели, вили и ресорти кои пропаѓаат под забот на времето.
Но секако секое нешто е и за добро, Природата и плажите се чисти како никогаш досега, луѓето и животните го имаат вратено внатрешниот мир кој беше нарушен поради 24/7 движења од туристите кои сакат да навлезат во секоја пора од животот. Можеби најголемата придобивка е да се научи прифаќањето на животот каков што е и што носи со себе.

Од друга страна, Весна својата креативност ја насочила не кон облеката, туку кон еден сосема нов начин на изразување.

„Убавината на сите овие процеси на развој е и создавањето на првото креативно чедо од Весна, која веќе подолг период е навлезена во истражувањето на придобивките од мандалите и Броевите на Грабовој. Токму со спојот на овие две медитативни, енергетски учења го создадоа HABIBI MANDALAS каде што покрај сопствената креативност се создаваат објекти кои можат да донесат и пошироки придобивки за тие кои се заинтересирани, во различни делови од животот. Верувам дека токму спојот на овие два концепти допрва ќе донесе многу нови, возбудливи нешта“.

Памукот доминира како материјал при создавањето на новите парчиња.

„Памукот е основата на колекцијата токму поради најодржливиот концепт на добивање на неговото влакно и ткаенината како производ. Секако и други растителни влакна ќе бидат дел од развојот понатаму. Во моментов памукот како ткаенина и многу добар впивач на растителните микро-капсули беа пресудни да биде прв во изборот. Живеејќи во Азија веќе 5 години секако ми го менува и тоа што го доживувам како естетика и подеднакво ја смени мојата визија за формата која ја согледувам како моден дизајнер. SOOWA ZERO концептот пред сè ги согледува придобивките од лежерноста во носењето, леснотијата во стилизирањето со другите парчиња и секако пријатноста за окото на природните форми и бои. Токму ова е заслужно за коментарите кои ги добивам откако SOOWA ZERO е на пазарот, " буквално ЖИВЕАМ во кимоното", " со денови го носам ми е жал да го исперам", "дали ќе се намали дејството со носење, прекрасно се чувствувам" и многу други“, раскажува дизајнерот.

Тој додава дека за сега постои само кимоното како универзална форма на облека, подеднакво е доволно мажествена но исто така и женствена. Во иднина, секако ќе бидат додадени и други форми кои кје го имаат истиот концепт да им помагаат на телото и духот додека ги носиме.

На прашањето, дали новиот концепт, значи и крај за ателјето „Секирарски“ вели:

„Не постои крај, нештата се создаваат и развиваат токму како продолжение. Повеќе од две децении Секирарски влијаеше на градењето на модниот концепт на македонската модна сцена, како еден од пионерите во доцните 90ти. Времето со себе донесе нови генерации кои несомнено го зацврстија постоењето на таа сцена и сега со леснотија можам да продолжам и своите визии, знаење и можности да ги фокусирам на нови, инвентивни концепти. Тој нов концепт за мене е SOOWA ZERO, облека која делува на нашето тело додека ја носиме. Овој концепт не е нов, Ајурведата јасно го изучува и потврдува дека носењето на облека која е инфузирана со некои тревки влијае на многу сегменти на нашиот организам подобрувајќи ги функциите. Можеби еден ден самите техники кје дозволат и свечената облека која ја носиме да ги има истите придобивки и токму тогаш веројатно ќе се создаде „Секирарски Зеро“ како концепт.

Нашиот последен разговор со Ненад беше пред пет години, при заминувањето за Бали. Тогаш порача: „Внимавајте што посакувате, може да се оствари“. И пет години подоцна, се' уште верува дека случајности не постојат, како и тоа дека како што ни се менува животот, така ќе се менува и модата, односно нашите потреби за тоа што да носиме.

„Не верувам дека постојат случајни нешта во животот, единствено нешто е како ќе ги согледаме работите и што ќе научиме од нив. Пред да се отворат патиштата веќе беше дојдено време за нови нешта, убавината е дака за мене Бали се оствари како нов пат во животот. Ми беа потребни добри 5 години да транзитирам од "Секирарски" во SOOWA ZERO и се што ќе создавам понатаму да биде доволно доследно и вистинско на тоа што сум јас како дизајнер. Би сакал да помине некој период во повторното создавање за да можам да ја увидам разликата и секако да им дадам можност на тие што ја ценат мојата работа да го изградат своето мислење. Со секое погледнување назад во мојата работа јас ја препознавам посебната нишка и тоа не може да се измени, без сомнеж сум горд на постигнатото. Нешто што не би можел да замислам е дека ќе останам на исто место со исти норми, без развој и отворање на нови патишта, бидејќи единствено тогаш јас не би бил свој и не би бил јас. 

Модата е дел од животот, како се менува тој така се менуваат и нашите потреби во облекувањето. Поради случувањата кои глобално ги изменија приоритетите се изменија и концептите на тоа што модниот клиент очекува од облеката што ја купува и носи. Времето поминато во изолација на многумина им овозможи подетално да осознаат што конзумеризмот донесе и секако ја смени свесноста кој и како ја произведува облеката. Сè повеќе брендови се фокусираат на рециклирање, на развој на материјали кои се од оддржлив карактер, веќе постојат маеријали изработени од рециклирање на рибарски мрежи, материјал што има карактеристики на кожа изработен од кактус, некои видови на габи како и од плодовите на кафето кое до сега беше само одпад. Сè повеќе клиенти сакаат точно да знаат кој ги изработува нивните парчиња и во какви услови, дали работниците се полнолетни и доволно платени. Сите овие нови норми, кои особено ме радуваат ќе бидат воспоставени како стандарди на новата модна индустрија бидејќи одржливоста подразбира нов начин на работење. Времето ќе покаже кои брендови и какви стилови ќе успеат да се усогласат со новото живеење кое секако ќе дојде кога пандемијата ќе заврши. Верувам дека ова е вистинскиот момент за целосно ресетирање на планетата и цивилизацијата што ја знаеме. Секако нема да постои капацитет кај сите да ги согледаат вредностите, но не треба ниту да биде норма за сите. Промените неминовно се случуваат.

Објавено:
9 јули 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.634 пати